Вредноста на кокаинот што една криминална организација го шверцувала во Црна Гора наменет за Европа надминува стотици милиони евра. Меѓу осомничените е и еден од петте најголеми шверцери на кокаин во Европа. Причината што пипалата на организираниот криминал во Црна Гора се толку силни и отпорни е што во синџирот се вмешани поединци и групи во речиси сите државни институции

Црна Гора ѝ го презема приматот на Албанија за криминалот со наркотици

Црногорската полиција минатата недела го разби најголемиот полициски наркокартел во регионот и уапси 17 сегашни и поранешни припадници на безбедносните служби, под сомнение дека функционирале како организирана криминална група што работела за бегалецот Радоје Звицер, водачот на Кавачкиот клан. Постои сомневање дека картелот „Кавчани“ прошверцувал три тона кокаин во вредност од над 100 милиони евра, што го вброи меѓу петте најголеми шверцери на оваа дрога во Европа.

ПОЛИЦИСКИ НАРКОКЛАН?!

Апсењето на припадниците на црногорските безбедносни служби, според тамошните функционери, е историски потфат, а како личност на чело на полицискиот наркокартел е идентификуван полицаецот Љуба Миловиќ, кој е во бегство. Миловиќ е осомничен дека организирал „полициски“ клан што работел за Кавачкиот клан.
– Суспендираниот полицаец Љубо Миловиќ, наводно, водел група негови активни и поранешни колеги, кои шверцувале кокаин за потребите на Кавачкиот клан и ги потчинувале интересите на државната служба на потребите на таа мафијашка група – пишуваат црногорските медиуми.
Инаку, јавноста за Миловиќ првпат слушна минатата година, кога се појавија негови фотографии од тајната апликација Скај, на кои тој позира со оружје, но и во прегратките на Радоје Звицер, Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, сите дел од подземјето на Србија и Црна Гора. На таа слика се и претходно уапсениот полицаец Петар Лазовиќ и Небојша Бугарин, по кој се трага.
– Врската меѓу полицајците и Кавачкиот клан е откриена благодарение на апликацијата Скај. Кога беше дешифрирано беше откриена комуникацијата меѓу полицајците и криминалците – објаснуваат полициски извори.

ТРИ ТОНА КОКАИН

Првиот човек на црногорското СЈО, Предраг Шуковиќ, на вонредната седница на Советот за национална безбедност на Црна Гора рече дека ова е само почеток на акцијата.
– Со кривичната пријава се опфатени 17 лица, од кои огромно мнозинство се полицајци – поранешни и сегашни, за кои недвосмислено утврдивме дека се сторители на различни кривични дела од областа на организираниот криминал – рече Шуковиќ и објасни за што се сомничи групата.
– Станува збор за три тона кокаин, кој бил транспортиран од Јужна Америка, а кој е поврзан со овие обвинети лица – рече тој.
Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, истакна дека ова е историска акција за сузбивање на активностите на наркокартелите во државната администрација.
– Вредноста на кокаинот што оваа група го шверцувала во Црна Гора и Европа надминува стотици милиони евра. Меѓу осомничените е и еден од петте најголеми шверцери на кокаин во Европа. Пипалата на организираниот криминал во Црна Гора немаше да бидат толку силни да ги нема во многу државни институции. Меѓутоа, разликата помеѓу она што било и она што ќе биде е тоа што ние сме решени да го удриме тој октопод по глава – изјави Абазовиќ.
Тој нагласи дека ниту Кавачкиот ниту Шкаљарскиот клан ниту некоја криминална организација нема да раководат со државни органи, што претходно не било случај.
Според пишувањето на медиумите, неколку службеници на црногорската полициска управа наводно избегале од земјата, а на прес-конференција министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Филип Аџиќ, изјавил дека многу од нив ќе бидат кривично гонети.
– Голем дел од колегите што можеа да се најдат на списоците за апсење не се појавија на работа во четвртокот и петокот. Очигледно, тие не се ни во градот. За некои имаме информации дека веќе ја напуштиле државата и дека некои од нив, најверојатно, ќе бидат кривично гонети. Но огромен е бројот на оние што одговорно и чесно си ја вршат работата и кои оваа акција ја доживуваат како пресвртница во својата работа – рече Аџиќ.
Премиерот Абазовиќ изјави дека Европол ја ставил Црна Гора на црна листа поради однесувањето на оние на кои им испратиле докази и кои, всушност, треба да ги анализираат тие докази.
– Имате поранешни полицајци што шетаат со 10 или 20 вооружени луѓе и имаат милиони, а тоа го знаат од Европол. Разликата е во тоа што оттаму сега видоа искрена волја и желба од наша страна и луѓе што не се на платен список, а се вистински професионалци – рече Абазовиќ.

Специфичен „модус операнди“ (модел на работа)

На патот кон европските земји, дрогата најчесто тргнувала од пристаништето Бар, но и преку новосоздадената престолнина на дрогата Антверпен.
За акцијата на црногорската полиција од голема помош бил Европол, кој им доставил транскрипт-докази од разговори водени преку шифрираната апликација Скај. Специјалното државно обвинителство анализирајќи ги доказите утврдило дека Љубо Миловиќ во тој криминален бизнис вмешал неколку негови колеги – активни и поранешни полицајци, главно негови кумови и пријатели. Сите тие имале прецизни улоги во кланот.
– Наводно, некои биле задолжени, користејќи ги службените овластувања, да проверат дали нивните колеги што чесно работат се на нивната трага и да алармираат доколку постои опасност. Други имале задача да ги вмрежат оние што им биле потребни за да ги стават валканите пари на легални канали. Припадниците на полицискиот наркокартел речиси секој ден се среќавале во кафеана во Подгорица. Нивните меѓусебни контакти, како и контактите што ги оствариле со други се снимени во текот на повеќемесечната истрага – додава изворот од полицијата.
Еден од полицајците бил „шеф на трезорот“. Тој одредувал колку пари ќе добие секое обезбедување, во зависност од услугата што ја дава.
– Утврдено е дека криминалците дејствувале длабински – од полицајци до полицајци. Секој од нив имал своја улога, во однос на службените должности и секторот во кој работел. Затоа се очекуваат нови апсења.
Некои од полицајците биле вработени во Секторот за борба против организиран криминал, од каде што уште полесно ги елиминирале опасностите.


Вкупно 450 пакувања со дрога во кутии со Мики Маус и Плутон

Уругвајската полиција деновиве, во рамките на акцијата наречена „Виртус“ запленила повеќе од 400 килограми кокаин, а меѓу другите уапсила и двајца државјани на Црна Гора. Дрогата пристигнала од Боливија и била наменета за Европа, а била спакувана во 450 пакувања со логото на хероите на „Дизни“, Мики Маус и Плутон, соопшти Обвинителството. Операцијата вклучуваше рации во Монтевидео, Сан Хозе и Рио Негро, а во оваа организација беа вклучени 18 лица од различни националности. Во моментов, 15 се уапсени, од кои многумина се странци.
– Меѓу тие 15 уапсени има и двајца црногорски државјани што се осомничени дека се членови на балканскиот клан, кој е голема мрежа на организиран криминал што дејствува во Европа, составена од државјани на Србија, Црна Гора и Хрватска – пишува во текстот на „Телемундо“. Уругвајската полиција им одредила мерка притвор во траење од 120 дена.
Според претставниците на уругвајското МВР, запленетата дрога е проценета на пазарната вредност од околу 15 милиони евра.
Сѐ уште не е соопштен идентитетот на уапсените црногорски државјани. Некои од уругвајските медиуми тврдеа дека тие веќе биле барани од Интерпол.


И турското обвинителство се пресметува со црногорските кланови
Ја киднапирале жртвата, ја мачеле и ја убиле, па ја закопале во двор

Турското обвинителство поднесе обвинение против еден од водачите на Кавачкиот клан, Жељко Бојаниќ, како и против сопственикот на италијански ресторан во близината на неговата вила, Хакан К., поради сомнение дека учествувал во киднапирањето, мачењето и убиството на припадникот на Шкаљарскиот клан, Ристо Мијановиќ, во ноември 2020 година. Како што е наведено во обвинението, постои сомневање дека Мијановиќ бил убиен на 10 ноември, а потоа бил закопан во дворот на вилата на Бојаниќ. Потоа, според обвинението, тој бил ископан следната година за да се скријат трагите. За двајцата осомничени за ова дело Обвинителството бара доживотен затвор и наведува дека се сомнева дека ова, како и убиството на водачот на „Шкаљарците“ во Истанбул во септември 2022 година, го организирал роднина на Радоје Звицер, Радоје Живковиќ-Жути.
Откако на 8 септември минатата година беше поднесено обвинение за убиството на водачот на кланот „Шкаљари“, Јован Вукотиќ, во населбата Шишли во Истанбул, Обвинителството поднесе ново обвинение за убиството на Ристо Мијановиќ, објавија турските медиуми.
Мистеријата за исчезнувањето на Мијановиќ, чие намамување, распарчување и фрлање во морето било планирано во Истанбул, беше разјаснета по апсењето на Живковиќ, откако кај него биле пронајдени слики од Мијановиќ, врзан и гол во вилата на Бојаниќ.
Турските медиуми јавуваат и дека во истрагата за ова злосторство учествувала и српската полиција, која испратила документација и фотографии поврзани со киднапирањето на Мијановиќ на 9 ноември 2020 година, а во кои се наведува дека тој бил префрлен во вилата со возило „фиат добло“. Истите фотографии се најдени и во телефонот на Живковиќ, кој беше уапсен по убиството на Вукотиќ.
Полицијата веднаш презеде акција во вилата Орманада, која му припаѓа на Бојаниќ. Дворот беше раскопан, а телото не е пронајдено – потсетуваат турските истражители и додаваат дека новото обвинение против „кавачанецот“ има 50 страници.
Ѕидот, вратата, шкафот, машината за перење и машината за сушење на сликите на Мијановиќ се сосема исти, фотографијата на просторијата во која е фотографиран гол маж со врзани раце и нозе одговара на изгледот на собите на вилата на Жељко Бојаниќ. Со увидот на фотографиите од дворот на вилата во која е погребан, во размената на информации од српските власти е констатирано дека во меѓувреме била променета структурата на градината – наведуваат и додаваат дека просториите каде што бил задржан биле реновирани за да се прикријат трагите на злосторството и дека кога Бојаниќ дознал дека полицијата има фотографии од тортурата го пренел телото на друго место во 2021 година.
Утврдено е дека при прекопот за изградба на магацинот во дворот на вилата се истоварени 13 камиони земја. Полицијата констатирала дека преправките на градината биле со цел да се скрие телото.