Фото: ЛинкедИн

Поранешниот пратеник од Златна Зора, Илиас Касидиарис, кој издржува затворска казна за формирање криминална организација, се обидува да најде начин да го заобиколи новиот закон што може да го блокира учеството на неговата партија на претстојните парламентарни избори во Грција и со друг партиски претседател да се најде на гласачките ливчиња, јави дописничката на МИА од Атина.

Партијата на Касидиарис „Национална партија –Грци“, според истражувањата на јавното мислење во земјата, добива доволен рејтинг за да го помине неопходниот изборен праг од три отсто и да обезбеди место во Парламентот.

Меѓутоа, неодамна, грчките пратеници изгласаа закон со кој се забранува, на изборите да учествува партија чиј претседател, генерален секретар или вистински лидер е осуден за криминално дело, па така, се чини дека Касидиарис бара алтернативен начин за учество.

Медиумите во Грција објавија дека поранешниот заменик- обвинител од Врховниот суд, Анастасиос Канелопулос е подготвен да се кандидира за претседател на партијата и да го презеде кормилото од Касидиарис.Информациите ги потврдил и самиот Канелопулос, објаснувајќи дека се во тек преговорите за тоа кој ќе биде лидерот на партијата кој и официјално ќе ја достави кандидатурата за изборите на 21 мај.