Албанскиот премиер изврши реконструкција на Владата
Подготвил: Mарјан Велевски
Премиерот на Албанија, Еди Рама, изврши реконструкцијата на Владата и разреши шестмина министри во својот кабинет. Рама најави и формирање министерство за локална самоуправа каде што прв човек ќе биде Арбјан Мазнику, актуелен заменик-градоначалник на Тирана, Македонец чиј татко потекнува од селото Врница, во областа Голо Брдо.
Албанскиот премиер и лидер на Социјалистичката партија, Еди Рама, на завчерашното партиско собрание соопшти за реконструкција на владиниот кабинет, а целосно е сменет и секретаријатот на партијата.
Во своето обраќање, Рама нагласи дека „патот кон Албанија 2030 година е со големи предизвици, земјата веќе е влезена во нова фаза, но има уште многу работа“.
– Албанија влезе во нова фаза, таа е на ново ниво. Постојат многу причини за ова. Но две се најголемите афирмации, првата е туристичката сезона и втората е невообичаеното влијание на новите органи на правдата. Ова е само нов почеток со ново ниво и не е врвот што сакаме да го достигнеме во оваа декада – рече Рама.
За првпат во историјата на Социјалистичката партија е разрешен целиот партиски секретаријат и покрај тоа што на последните локални избори социјалистите извојуваа спектакуларна победа. Еди Рама ги даде првите сигнали за смени во редовите на партијата на власт што ја предводи, на последното партиско собрание на 26 јули.
Нов министер за Европа и надворешни работи ќе биде Игли Хасани, на местото на Олта Џачка, Огерта Манастрилиу го напушта Министерството за здравство и социјална заштита и преминува во Министерството за образование, млади и спорт. На нејзино место доаѓа Албана Корчиу. Нов министер за економија и финансии е Ервин Мете на местото на Делина Ибрахимај, која ја презема функцијата државен министер за претприемаштво и деловна клима, на која беше Едона Билали. На чело на Министерството за земјоделство и рурален развој ќе биде Анила Денај, која на оваа функција ја заменува Фрида Крифца.
Предлозите ќе му ги достави на шефот на државата, Бајрам Бегај, кој треба да потпише уредба за разрешување на досегашните и наименување на новите министри, партијата на Рама го има мнозинството пратеници, а предлозите за новите министри само формално ќе поминат на седница на парламентот.