Фото: Принтскрин

Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) донесе денеска одлука гласањето за разрешување на градоначалниците Албанци во четирите општини во северно Косово, во кои мнозинството го сочинуваат етнички Срби, да се одржи на 21 април, јави дописникот на МИА од Приштина.

Косовската ЦИК на денешната седница, со осум гласови „за“ и два „воздржани“, ја прифати препораката на нејзиниот Секретаријат, донесена по проверката на потписите на петициите поднесени до општинските собранија на Лепосавиќ, Звечан, Зубин Поток и Северна Митровица.

Актуелните градоначалници, кандидирани од партиите на косовските Албанци, беа избрани на вонредните избори во април минатата година, кои беа бојкотирани од српската заедница.

Процесот на гласање за разрешување на општински градоначалник е објаснет во Управната инструкција на Министерството за администрација и локална самоуправа. Гласањето за ова прашање треба да се одржи најдоцна 45 дена по потврдата дека е исполнета квотата од 20 проценти на потписници на петиција за покренување гласање за разрешување на градоначалниците.

Доколку 50 отсто + еден од граѓаните на избирачките списоци гласаат за смена на градоначалникот тогаш се смета дека тој е разрешен од функцијата. После тоа, резултатот се испраќа до претседателката на Косово, Вјоса Османи, која има законски рок од 30 до 45 дена да распише вонредни избори.

Доколку при гласањето не се достигне бројката од 50 отсто, иницијативата се смета за пропадната и, според Управната инструкција, слична иницијатива може да се покрене дури по 12 месеци.

Минатиот април косовските Срби ги бојкотира локалните избори во четирите општини во северно од Косово, населено со мнозинство Срби, по што, со исклучително мала излезност на гласачите, победија кандидатите на албанските партии.

Влегувањето на новите градоначалници со асистенција на полицијата во општинските згради во Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток во мај минатата година предизвика протести на тамошните Срби, при што дојде и до судири меѓу демонстрантите и припадниците на КФОР.

Европската унија и Соединетите Американски Држави побараа градоначалниците да поднесат оставки и да се организираат нови локални избори на кои ќе се гарантира учествувото на косовските Срби. Меѓутоа, Владата на Албин Курти одби да ги разреши и донесе одлука вонредни избори да се распишат по гласање на избирачите за разрешување на актуелните градоначалници Албанци.

ЕУ и САД воведоа санкции на Косово поради неисполнувањето на нивните барања и порачаа дека истите ќе ги укинат откако ќе се одржат демократски избори во северно Косово со учество на српското население. Санкциите сé уште се во сила.