Продолжува потрагата по исчезнатите по пожарот на траектот во близина на Крф
Мислев дека смртта дошла по мене, имаше толку многу чад, кажа албанскиот камионџија Зеф Луфи, по неговото спасување од траектот на кој вчера избувна пожар во близина на грчкиот остров Крф. Тој додава дека на патниците им бил потребен околу час и половина за да влезат во чамците за спасување и уште приближно три часа пред да бидат спасени, пренесува „Ројтерс“.
Според сведоштвата на патниците за грчките медиуми, капетанот околу 4.30 часот изутрина ги информирал дека треба веднаш да ги напуштат нивните кабини, да се соберат на палубите, по што со елеци за спасување биле пренесени и евакуирани во чамци за спасување, а подоцна преземени од бродови на грчката и италијанската крајбрежна служба.
Припадници на специјалната единица за справување со катастрофи на грчката противпожарна служба вчера попладне ги извлекоа двете лица заглавени во траектот, а претходно, на островот Крф беа пренесени 278 патници и членови на екипажот. Во бројот на спасени вклучени се уште две лица, кои не биле на списокот со патници и веројатно нелегално патувале кон Италија.
Причината за пожарот што избувна додека траектот пловел во морскиот дел североисточно од островот Ерикуса засега не е позната.
Рано утрово продолжи потрагата по 12-мината исчезнати по вчерашниот пожар на траектот што пловеше од Грција кон Италија, а веќе се спасени 280 патници и членови на екипажот, јави дописничката на МИА од Атина.
Бројот на исчезнати од 11 се зголеми на 12 лица откако вчера беа пронајдени и спасени двајцата патници, кои со часови останаа заглавени во траектот, но по нивната идентификација произлезе дека еден од нив, веројатно мигрант, нелегално патувал и не бил на официјалната листа со патници.
Траектот сè уште се наоѓа во морскиот дел во близина на Крф, а денеска продолжува и гаснењето на пожарот.
Министерот за поморство на Грција, Јанис Плакиотакис истакна дека станува збор за гигантска операција за потрага и спасување и по негова наредба веќе е започната истрага за утврдување на причините за пожарот.
Траектот „Јурофери Олимпија“ пловел под италијанско знаме, тргнал од Игуменица кон Бриндизи, а според официјалните списоци имало 239 патници и 51 член на екипажот, како и автомобили и камиони.