Партијата Нова демократија победи убедливо и ќе има можност да владее уште четири години. Најголемата опозициска партија СИРИЗА доби само 17,8 проценти од гласовите

Избори во Грција

Досегашниот конзервативен премиер Кирјакос Мицотакис се наоѓа пред втор четиригодишен мандат по парламентарните избори во Грција, откако неговата партија Нова демократија освои 40,5 проценти од гласовите. Тоа го покажуваат резултатите од неделата вечер, но, според новиот изборен систем, партијата ќе добие 158 од 300 места во парламентот.
На второ место се пласира левичарската СИРИЗА на поранешниот премиер Алексис Ципрас, со разлика од победникот од над 20 проценти.
За потсетување, на изборите што беа одржани на крајот на мај, Конзервативната партија излезе како јасен победник, но го одби доделениот мандат за формирање коалициска влада, па оттогаш во Грција владее преодна влада.
– Јас лично чувствувам уште посилна обврска да ѝ служам на својата земја со сите мои способности – изјави Мицотакис пред насобраните славенички расположени симпатизери пред централата на Нова демократија во Атина.
Зборувајќи пред масата, 55-годишниот Мицотакис најави натамошно спроведување реформи во земјата, а меѓу главните приоритети ќе му бидат зголемување на приходите од туристичката индустрија, создавање нови работни места и подигање на нивото на платите во правец на просекот во Европската Унија.
– Очигледно, ова е тежок пораз – изјави поранешниот министер за финансии на СИРИЗА Еуклид Цакалотос за ТВ Скај.
Крајно левичарската коалиција СИРИЗА претрпе голем пораз, освојувајќи само нешто над 18 отсто од гласовите, што е уште помалку од изборите во мај, кога освои 20 проценти.
На трето место е ПАСОК со 32 пратенички места, а Комунистичката партија има 20 пратеници. Неочекуван успех забележа крајно десничарската Партија на спартанците, која се декларираше против доселувањето и мигрантите, а со освоените 4,7 проценти од гласовите, таа ќе добие 13 седишта во грчкиот парламент.
Победата на конзервативците на изборите одржани во мај имаше позитивно ехо кај инвеститорите, кои очекуваат продолжување на досегашната буџетска дисциплина, па грчката берза регистрира нагорен тренд.