Парите и понатаму ќе поскапуваат, а стопанството ќе стагнира /Фото: ЕПА

Наспроти постојаниот пораст на каматните стапки во изминатите 18 месеци, инфлацијата во многу водечки економии останува висока, што покажува дека мерките на централните банки поврзани со порастот на референтните стапки како алатка против инфлацијата не се покажаа како ефикасни, а од друга страна, како последица на тоа, „скапите пари“ ја задушија реалната економија…

Песимистички прогнози за ЕУ-стопанството по покачувањето на каматните стапки

Податоците за економските активности во еврозоната во јуни, по задржувањето на рестриктивната монетарна политика на европските централни банки, најавуваат песимистички прогнози за тековите на економијата на Европската Унија во наредниот период. Индексот на набавките, кој е еден од индикаторите за идните економски активности, во тековниот месец падна на 50,3, што е најниско ниво од јануари годинава. За мај овој економски показател беше на ниво од 52,8. Намалувањето на очекувањата за набавките, според економските експерти, е јасен знак за силно забавување на активностите во приватниот сектор во земјите од еврозоната. Новите нарачки се намалени за првпат во последните пет месеци, додека вработеноста бележи забавување и се наоѓа на најниско ниво во последните четири месеци. Од друга страна, цените на влезните производствени трошоци пораснале, а просечните продажни цени на стоките и услугите забележале најмал пораст од март 2021 година.
Оптимизмот на деловната заедница во еврозоната е на најниско ниво годинава, кој е проследен со влијанието на повисоките каматни стапки. Истиот индекс во Франција падна на 47,3 од 51,2 во мај. Во Германија јунскиот индекс на нарачките е намален на 41, што е спротивно на претходните очекувања за нивен пораст. Ова е единаесетто последователно намалување на производството во преработувачката индустрија во Германија и се наоѓа на најниското ниво во последните три месеци. Истражувањето покажува најостар пад на приватниот сектор од февруари 2021 година, а причината за јунскиот пад на нарачките е намалување на потрошувачката, особено на таа од странство.
Во исто време и Банката за меѓународни порамнувања (БИС) повика на понатамошни зголемувања на каматните стапки и предупреди дека глобалната економија сега е во клучна фаза, каде што земјите се борат да ја контролираат инфлацијата.
Наспроти постојаниот пораст на каматните стапки во изминатите 18 месеци, инфлацијата во многу водечки економии останува тврдоглаво висока, а порастот на стапките на задолжување ги предизвика најлошите колапси на банките од финансиската криза пред 15 години.

– Светската економија е на критичен крстопат. Мора да се решат сериозни предизвици – изјави генералниот директор на БИС, Агустин Карстенс, во годишниот извештај на организацијата објавен во неделата.
Според него, времето на упорно тежнеење кон краткорочен раст заврши. Монетарната политика сега мора да ја врати ценовната стабилност. Фискалната политика мора да се консолидира.
Клаудио Борио, шеф на монетарниот и економскиот оддел на БИС, додаде дека постои ризик од појава на „инфлациска психологија“, иако поголемите од очекувано зголемувања на каматните стапки во Велика Британија и Норвешка минатата недела покажаа дека централните банки се обидуваат „да ја направат својата работа“ за справување со проблемот.
Колку подолго инфлацијата останува висока, толку посилно и подолго ќе биде заострувањето на монетарната политика, пишуваат авторите на извештајот на БИС, предупредувајќи дека можноста за поголеми неволји во банкарскиот сектор сега е „суштинска“.
– Мислам дека централните банки ќе ја контролираат инфлацијата. Ова е нивна работа – да ја вратат стабилноста на цените. Прашањето е по која цена – изјави тој за медиумите.
Швајцарската БИС го одржа својот годишен состанок, на кој врвните централни банкари разговараа за превирањата во изминатите неколку месеци. Историски гледано, циклусите на зголемувања на каматните стапки за 15 отсто вршат голем притисок врз банкарскиот систем, иако фреквенцијата значително се зголемува ако каматните стапки растат, инфлацијата забрза или цените на куќите нагло пораснат, покажа извештајот на БИС.

Анализата на Банката на Америка покажа дека имало 470 зголемувања на каматните стапки на глобално ниво во изминатите две години, во споредба со 1.202 намалувања на стапките од финансиската криза. Банката на федерални резерви ги зголеми каматните стапки за 500 базични поени од речиси нула, Европската централна банка ги зголеми каматните стапки во еврозоната за 400 базични поени, а многу економии во развој низ светот направија многу поголеми зголемувања. Останува прашањето чиј точен одговор ќе биде повеќе од потребен, особено со знаците дека компаниите сѐ повеќе колабираат со ваквите монетарни политики на централните банки:
Ќе го стават ли централните банки стопанството (економијата, индустријата) во центарот на своите монетарни политики и ќе ги направат ли поевтини парите за да можат компаниите да добијат „финансиски замаец“ на своето производство и да придонесат за вкупниот економски раст на државите, а со тоа и излез од економската криза? Или пак централните банки, упорни да ја победат инфлацијата, едноставно со мерките на покачување на каматните стапки се фокусираат само на финансискиот аспект на кризата и продолжуваат со истите еднолични монетарни политики? До кога ќе продолжи ерозијата на националните стопанства, а со тоа и ерозијата на животниот стандард на граѓаните? М.Ј.