Хрватска

Кои се најбараните работници во Хрватска? Најмногу сезонски работници доаѓаат од трите поранешни републики на СФРЈ, покажуваат најновите сознанија до кои дојдоа Хрватите. Според последните податоци, најголем интерес за сезонска работа во Хрватска искажале работници од Македонија, БиХ и од Србија.
Ваквите сознанија доаѓаат од онлајн саемот на сезонски работни места „Сезонац.хр“, кој се одржа од 26 јануари до 4 февруари, во организација на порталот „Мој посао“. Годинава учествуваа 39 работодавци – трговски синџири, хотелски куќи и угостителски објекти – што претставува зголемување од 56 отсто во однос на 2021 година, кога на саемот 25 работодавци бараа работници.
Саемот забележа 147.000 посети и 1.060.000 прегледи на страници, а посетителите на саемот можеа да се пријават на повеќе од 200 огласи за вработување. Најбарани сезонски работници во Хрватска се: собарка, продавач, келнер, рецепционер и готвач. Најголемиот дел од огласените вработувања е поврзан со сезонска работа, но во значителен број слободни работни места работодавците понудија можност и за засновање постојан работен однос по завршувањето на летната сезона.
Вкупно се собрани над 11.000 апликации за огласени работни места, а покрај оние од Хрватска, саемот повторно предизвика голема заинтересираност кај работниците од регионот. Најголема заинтересираност за наоѓање сезонска работа во Хрватска изразија работници од Македонија, Босна и Херцеговина и од Србија, објави порталот.