Албин Курти / Фото: Инстаграм

Премиерот на Косово, Албин Курти денеска потврди дека тројца членови на Косовската специјална полиција, кои претходно беа уапсени од српската полиција, се ослободени од притвор.

– Потврдуваме дека тројцата киднапирани полицајци се ослободени. Иако сме среќни што се вратија кај семејствата, ова киднапирање е сериозно кршење на човековите права и мора да биде опоменати. Агресијата на српската страна мора да се смета за одговорна – напиша Курти на Твитер.

Претходно денеска Судот во Краљево го потврди обвинението против тројца членови на косовската специјална полиција, кои беа уапсени на територијата на Србија на 14 јуни и ќе се бранат од слобода, јавија српските медиуми.

На веста дека српските власти ги ослободиле тројцата косовски полицајци реагираше и албанскиот премиер Еди Рама, кој оваа постапка ја смета за задоцнета.

– Враќањето на косовските полицајци дома е задоцнета вест, но сепак многу добра, бидејќи како прво се става крај на самоволното лишување од слобода на три лица кои не сториле никакво кривично дело и второ се отвора патот за деескалација на дијалогот. Мило ми е што силата на разумот победи над разумот на силата – стои во реакцијата на Рама.

Посакувам, додава, со силата на разумот веднаш да започне долгоочекуваната деескалација од сите и дополнително да ги решиме јазлите на конечниот процес на нормализација меѓу Косово и Србија.

– Штотуку пристигнавме во Брисел, каде наскоро ќе се сретнам со претседателот на Европскиот совет, скапоцениот пријател на Албанија и нашиот регион, Шарл Мишел. На нашиот пријател ќе му ја пренесам големата загриженост за критичната ситуација во регионот и моето убедување за неопходноста од конференција без временско ограничување, каде што под покровителство на евроатлантската заедница, лидерите на Косово и Србија мора да ги заокружат сите точки од договорот за нормализација – посочува тој.

За жал, според него, во последно време и двете страни се насочени кон фронтот на домашната политика и анкетите поттикнати од националистичката реторика.

– Виталниот дијалог за иднината на целиот регион и односите со демократскиот свет се отфрлени. Во меѓувреме, ситуацијата на Северот се деградира од час во минута, зголемувајќи ја можноста за балкански „Донбас“ во срцето на Европа. Оваа можност е катастрофална и диколку се помисли на тоа, па мора да се елиминира по секоја цена – смета Рама.

Порача дека Албанија ќе направи се за да не се случи најлошото.

– Би било лудост кревкиот мир што го градевме низ овие години, во рамките на Берлинскиот процес и преку разни иницијативи, да биде уништен како замок од песок со враќањето на бран балкански глупости, кои не исфрлаат сите од патот на евроинтеграциите, во старото буре барут среде Европа – нагласува албанскиот премиер Рама.


Османи: Како претседавач на ОБСЕ го поздравувам ослободувањето на косовските полицајци

Претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи ја поздрави одлуката на судот во Србија за ослободување на тројцата косовски полицајци и упати повик за спроведување на Патоказот за деескалација на ситуацијата.

– Како претседавач со ОБСЕ, ја поздравувам одлуката за ослободување на тројцата косовски полицајци и ги повикувам страните да започнат со спроведување на Патоказот што го предложив за деескалација и нормализација. ОБСЕ е тука да го поддржи овој процес – објави Османи на неговите профили на Фејсбук и на Твитер.