Фото: МИА

„Струшките вечери на поезијата“ како еден од најстарите и најзначајните светски поетски фестивали и оваа година ќе се одржи во стандардниот фестивалски термин од 24 до 28 август, во своето автентично издание и на веќе препознатливите локации, со свечено отворање на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција на која беше претставена фестивалската програма, годинешното фестивалско издание ќе се одржува под мотото „Чувстотворен јазик“, со намера да се потенцира оној аспект на поезијата и на поетскиот јазик, како јазик творен односно создаден од чувства, но и јазик што создава чувства.

– Сакаме да ја потенцираме моќта на поезијата да создава нови зборови, да ја збогатува и да ја менува нашата престава за светот, па во таа смисла таа е и чудотворен јазик. Таквиот поетски јазик е предизвик и за најновите трендови на алгоритмите на вештачката интелигенција кои што генерираат јазик врз поинакви принципи, врз принципите на семантички корелации и математички пресметки. Оттаму во програмата на СВП оваа година е предвидена и тркалезна маса на тема „Поетскиот јазик и вештачката интелигенција – рече директорот на НУ „Струшки вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски.

На СВП 2023 поетски читања ќе имаат повеќе од 25 странски поети, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација.

Оваа година во рамки на јубилејот на одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, на програмата на Фестивалот се предвидени неколку содржини. Меѓу нив, изложба на фотографии од учеството на Шопов на СВП и неговиот огромен придонес за основањето и развојот на Фестивалот, промоција на неколку преведени изданија на Шопов на неколку јазици, како и свечен настан по повод јубилејот, кој ќе се одржи во Св. Софија на 26 август пред портретот на лауреатот на годинешното издание.

Во рамки на програмата, предвидени се портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ (годинешниот добитник е ирскиот поет Гевин Бредли, кој живее и работи во Канада) како портретот на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, кој ќе биде објавен на самиот почеток на август.

Дел од Фестивалот ќе биде и специјалниот настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „ВЕРСОПОЛИС“, проект поддржан од Европската Комисија, во кој СВП се дел 2014 година.

– Од изданијата на струшките вечери, освен „Монографијата“ за добитникот на Златен Венец, „Зборникот“ на Фестивалот кој оваа година ќе биде во проширено издание, а ќе има и електронско издание, тријазичното издание на минатогодишниот добитник на наградата Браќа Миладиновци, изданието на добитникот на наградата Мостови, во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, ќе биде издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“ чиј приредувач е нашиот истакнат македонски поет, универзитетски професор и филозоф Иван Џепароски. Оваа антологија содржи избор од поетското творештво на досегашните добитници на наградата, во чии песни се застапени мотивите на флората и го актуелизира книжевно – теорискиот пристап на еко поезијата и еко критиката – рече Тасевски.

По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи во соработка со Унгарската амбасада, на СВП ќе биде отворена изложба за животот и делото на тој славен унгарски поет.

Презентирајќи делови од програмата, Тасевски ги издвои и поетскиот портрет што годинава е посветен на Владо Урошевиќ, што на 26 август според традицијата ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.

Инаку, на прес-конференцијата беше презентирана редизајнираната и оптимизираната Интернет-страница на Фестивалот, со нови технички и аудио-визуелни можности и проширени капацитети за вметнување нови содржини.

Семјуел Кенеди, од компанијата „Кенеди технолоџис“ која како општествено одговорна компанија без надомест ја изработи новата веб-страница, ја искористи моќноста да посочи дека „Струшките вечери на поезијата“ е фестивал кој одамна се стекнал со широка препознатливост на глобално ниво.

– Дигитализацијата на фестивалската хронологија и поетската колекција овозможува лесно пристапна содржина за поетските ентузијасти насекаде низ светот и промоција на самиот фестивал. Со овозможување на лесно пристапен, дигитален формат, ние ги инспирираме и мотивираме идните генерации да се стекнат со интерес кон поезијата и да негуваат постојана љубов кон ваквата форма на уметност. Дигитализираната хронологија и поетска колекција ќе обезбеди постојана достапност на фестивалот надвор од фестивалските денови, што значи целогодишен ангажман – рече Кенеди на презентацијата.

Изработена е силна техничка основа што може лесно да се приспособи на идни потреби и да даде простор за развивање на идни специјалности и подобрувања, вклучувајќи виртуелни настани, мултимедијална содржина и интерактивни простори. Како што беше истакнато, собирањето обемна документација ќе обезбедува континуирана еволуција и навремено ажурурање и одржување на веб-страницата.