Фото: Принтскрин

Поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој беше уапсен пред дваесетина дена како осомничен за подготвување вооружени напади врз општинските изборни комисии и полициските патроли во северно Косово, со одлука на надлежен косовски суд денеска е пуштен во домашен притвор, јави дописникот на МИА од Приштина.

Апсењето на Пантиќ беше повод за поставување барикади од страна на локалните Срби во општините во северно Косово со мнозинско српско население и за блокада на патиштата кои водат кон граничните премини Јариње и Брњак меѓу Косово и Србија.

Информацијата за промена на мерката 30-дневен притвор, изречена на 12 декември, во куќен притвор, во изјава за медиумите ја потврди портпаролката на Основниот суд во Приштина, Мирлинда Гаши.

– На барање на Специјалното обвинителство за промена на мерката притвор со куќен притвор, судот го одобри брањето и ја промени мерката – изјави Гаши.

По пуштањето од притвор на Пантиќ, се огласи и неговиот син Предраг, кој за ослободувањето на неговиот татко му се заблагодари на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

– Нема посреќни од нас сега. Благодариме на сите, благодариме на народот, благодариме на Србија, посебна благодарност за претседателот Вучиќ – изјави Предраг Пантиќ за белградски „Новости“.

Претседателот на Српската листа од Косово, Горан Ракиќ, по разговорот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србите одбиваат да се повлечат од барикадите на северно Косово, иако претседателот Вучиќ смета дека тоа би било добро, јави дописникот на МИА од Белград.

– Само што ги завршивме разговорите со претседателот Вучиќ, сега ќе одиме да разговараме со нашите луѓе на Косово и Метохија. Добивме важна вест за пуштањето на Пантиќ, Недељковиќ и останатите уапсени лица, успеавме да ги прочитаме гаранциите на Европската Унија дека нема да има апсења за учество во барикадите, како и гаранцијата на КФОР дека косовските безбедносни сили нема да дојдат на север без наша согласност – рече Ракиќ за ТВ Пинк.

Тој додаде дека претседателот Вучиќ смета дека е добро да се отстранат барикадите, но дека Србите не и веруваат ништо на владата на Албин Курти, ниту на меѓународните гаранции, туку само на Вучиќ.

– Го поканувам претседателот да дојде на разговорите во Рашка и да го сослуша народот од барикадите, затоа што му веруваме само на претседателот Вучиќ – рече Ракиќ и додаде дека барањата ќе ги изнесе вечерва.

Известувачката на Европскиот парламент за Косово Виола фон Крамон денеска изјави дека ја поздравува одлуката на судот полицаецот Дејан Пантиќ, кој беше уапсен пред дваесетина дена, да биде испратен во домашен притвор.

– Ова треба да доведе до итно отстранување на барикадите на северот на Косово и целосна деескалација – напиша Крамон на својот твитер-профил.