фото: Зоран Антоски

Сѐ додека во земјава за новгодишните празници не допатуваа печалбарите од Кичевско, Кичево наликуваше на подзаспан град без многу гужви во маркетите, локалите и по улиците.

Но од неделата сликата се промени, улиците се преполнија со автомобили, а локалите и маркетите почнаа да наликуваат на летниот период, преполни гости и купувачи.

– Можноста да ја посетат родната земја печалбарите ја искористија во голем број. Деновие се очекува да пристигне и последниот бран, кога ќе има уште поголем број печалбари кои со автобуси или автомобили ќе пристигнат во земјава. Нашите печалбари кои ќе допатуваат ќе бидат претежно од Швајцарија, Австрија и Германија – вели Шукри Сејдини.

Присуството на печалбарите покрај блиските роднини, најмногу ќе се почувства на продажните места, кои со душа го чекаат враќањето на печалбарите, за да го надоместат малиот промет во поголемиот дел од годината.

– На враќањето на гастрбајтерите ќе им се израдуваат и уличните питачи од градот и дојденци од други градови за кои печалбарите се познати како граѓани со широка рака и очекуваат нивната дарежливост да им ги стопли џебовите пред празниците кои што следат – вели Драге Петрески, пензионер.

Се очекува да се направат и помал број свадбени веселби, веридби и крштевки.

– Свадби и поголеми веселби ќе има во нешто помал број бидејќи времето е кратко, а големите веселби ги оставаат за летниот период. Во секој случај свадби ќе има како и свршувачки кои ќе се крунисаат со свадбени веселби во текот на летниот период, кога сите ќе дојдат од странство – нагласи Џевдет Далипи, менаџер во угостителство.