Бројот на заболени од голема кашлица во Хрватска се зголемува, особено кај децата, а низ цела земја се организирани пунктови за тестирање на инфекција.
Досега во Хрватскиот завод за јавно здравје (ХЗЈЗ), како што информираат оттаму, се тестирани 5.342 пациенти, од кои околу 35 отсто биле позитивни. Според ХЗЈЗ, ова е најголемиот број пациенти со голема кашлица во Хрватска во последните 40 години.
Најзагрозени од оваа болест се новороденчињата и доенчињата, каде што болеста може да биде многу тешка, а во некои случаи дури и фатална. За децата што ги примиле сите потребни вакцини болеста не е опасна, а во повеќето случаи нема сериозни компликации. Почетните симптоми на болеста се зголемена телесна температура и шмркање, а продолжува со зголемена кашлица, често со отежнато дишење при посилно вдишување. Понекогаш предизвикува и повраќање. Закрепнувањето може да трае со недели, па дури и месеци.
И во Србија е зголемен бројот на дневни прегледи на децата во здравствените домови поради респираторни инфекции. Во изјава за РТС, д-р Марија Голубовиќ, педијатар во здравствениот дом „Савски венац“, вели дека амбулантите се преоптоварени, а бројот на прегледи на деца од предучилишна и училишна возраст достигнува над 200.
Пријавени се 8.787 случаи на болести слични на грип. Најчесто се забележува кај бебињата, децата и тинејџерите. Тоа се инфекции на горните дишни патишта. Присутен е рота-вирусот. Тоа се „стандардни“ вируси за овој период од годината. Причините за поголемиот број болни деца се промените на времето, престојот во колективи…, а симптомите се кивање, кашлање, болки во грлото, течна столица.