Фото: Архива на „Нова Македонија“

Застрашувачки се сликите од мигрантските кампови, каде што добро организирани банди ги контролираат состојбите. Тие ги контролираат и протокот на луѓе, нивното движење и миграцијата, за што наплатуваат енормно високи суми. Токму заради превласт за таа контрола, честопати доаѓа до оружени пресметки меѓу соперничките групи, а мигрантите најчесто страдаат во тие пресметки…

Мигрантите во Европа зачестено гинат во оружени судири и сообраќајни несреќи

Најмалку три лица, за кои се верува дека се Авганистанци, беа убиени во оружен судир меѓу ривалски банди неодамна во Србија. Престрелката избувна во напуштените српски згради на поранешен земјоделски имот на неколку стотини метри од постојната ограда на границата со Унгарија.
За зголемувањето на насилството, полицијата ја обвинува војната за територија помеѓу мароканските, авганистанските и сириските банди, кои го контролираат пристапот до граничната ограда на јужната граница на ЕУ, односно на Унгарија со Србија.

Ужасен третман на мигрантите од страна на шверцерските групи

Жителите на пограничните српски села Хоргош и Хајдуково, како и на градот Суботица, бараат од полицијата да воспостави ред. Некои мештани ја обвинуваат граничната полиција и од унгарска и од српска страна дека соработуваат со шверцерите.
Австриската и словачката влада изразија протест до унгарската влада дека голем број мигранти стигнуваат до нивната граница преку Унгарија, и покрај силно небаре фортификациски поставената гранична ограда, секојдневните притворања и турканици и жестоката антимигрантска реторика на премиерот Виктор Орбан.
Мигрантите, пак, велат дека шверцерите со чија помош тие ги преминуваат границите понекогаш се многу сурови, многу лути и ги тепаат. Но тие главно се плашат да дадат изјава со полно име и презиме. Садар, 33-годишниот поранешен офицер во авганистанската армија, е еден од ретките што сакаат отворено да зборуваат за ова.
– Во некои други ситуации се грижливи, ни носат храна, ни обезбедуваат добро сместување – вели тој.
Патувал до Србија долго. Со автобус од Пирот стигнал на српско-бугарската граница, откако цели 25 дена пеш одел низ Бугарија. Сето тоа е дел од маршрутата, а почетната станица била Турција. За да стигне до Германија со неколку попатни застанувања од Турција до ветената земја платил десет илјади долари.
При средбата со овие луѓе се дознаваат навистина интересни работи за целата процедура што ја имаат утврдено организаторите на нивното преминување преку границите. Но наедно она што и јавно може да се види е колку многу шверцерите ги тепаат младите Авганистанци што се обидуваат да ја прескокнат оградата на границата без да платат.
Па така, се доаѓа до еден неверојатен апсурд. Страшната унгарска електрична ограда со бодликава жица по должината на границата долга 175 километри не само што им помага на шверцерите да контролираат кој поминува туку им овозможува и да спречат „лични иницијативи“.

За младите мигранти, патот кон подобро утре и ветената земја е само „игра“?!

Неколку групи млади мигранти во обидите да ја преминат границата ја сечеле оградата на различни точки. И покрај фактот што знаеле дека повеќето ќе бидат фатени и вратени назад, сепак биле упорни во својата намера, па неколку од нив успешно ја преминале границата. За нивна жал, таа игра сега е завршена.
Во смртоносниот инцидент во јули минатата година, во населба близу Суботица, во оружена пресметка, наводно, меѓу марокански и авганистански банди беше убиено шеснаесетгодишно девојче, а седуммина мигранти беа ранети.
Според пишувањата на српските медиуми, неодамнешното пукање во близината на оградата кај Хоргош започнало кога сириска банда нападнала озлогласена авганистанска банда.
Ова се само мал дел од инцидентите во кои се вмешани мигрантите што патуваат низ северна Србија. Станува збор главно за Сиријци и Авганистанци, но има и Курди, Пакистанци и државјани на други земји. Полицијата, пак, вели дека тие се вооружени шверцери, никогаш мигранти.
– Го разбирам стравот на мештаните за својата безбедност поради ваквите инциденти. Но проблемот е што просечниот човек не прави разлика меѓу шверцери и бегалци. Иако жртви се и бегалците – вели Вираг Ѓурковиќ, новинар од Суботица, одговарајќи на прашањата на Би-би-си во нивната репортажа за оваа актуелна тема.
Според локалните активисти од невладините организации, жичената ограда на границата, поради засиленото присуство на организираните шверцерски банди, има сосема поинаква функција од првобитната – да не се запре миграцијата, но да се контролира плаќањето.
– Го бараат секое евро од секој човек што ќе ја помине границата – вели локалниот активист Владимир Половина.
Приказната се дополнува и од унгарската страна, каде што официјалните снимки на безбедносните камери покажуваат луѓе како се прекачуваат со импровизирани скали преку оградата, ја прескокнуваат и удираат полициски автомобили со долги стапови. Инфрацрвените снимки од безбедносните камери покажуваат и мажи како мавтаат со оружје.

Насилството на шверцерските банди над мигрантите расте…

На снимката направена среде бел ден од страна на српските безбедносни служби во Суботица се гледа „калашников“ оставен меѓу двете предни седишта на автомобил на шверцер.
– Оградата постојано се оштетува. Тие користат различни моќни алатки. Прават големи дупки во оградата, стотици од нив, со големина на врати – вели шефот на унгарската полициска единица за борба против трговијата со луѓе, Габор Балог.
Друг полицаец опишува како група мигранти биле принудени да ја преминат оградата под закана со пиштол, потврдувајќи ги српските извештаи за насилство од страна на шверцерите врз оние што се обидуваат да ги прошверцуваат во Унгарија.
Унгарската полиција соопшти дека секоја вечер се апсат околу осумдесет лица откако ја преминале оградата. Многумина други илегално влезени подоцна се фаќаат длабоко во внатрешноста на земјата.
Нема бројки за оние што успеваат да се провлечат, но повеќето од уапсените се принудени да се вратат низ портата кај Хоргош.
Оваа практика на унгарските власти се толкува како кршење на меѓународното право, поради што Унгарија беше осудена од Европскиот суд на правдата.
Но од друга страна, унгарските власти имаат документирано голем број уништени и изгорени автомобили, кои може да се видат покрај патот на унгарската страна од оградата меѓу селата Ашоталом и Морахалом, за кои се укажува дека настрадале под налетот на мигрантите. На другиот крај на Унгарија, во близината на северната граница со Словачка, парчиња скршено стакло и пластика лежат во тревата до кружниот тек во селото Матраверели. Таму комбе со 12 мигранти изгуби контрола и удри додека бегаше од полициска потера на почетокот на октомври на автопатот број 21, кој минува низ село на границата со Словачка. Во несреќата, седум мигранти беа повредени.
Тоа беше една од најмалку 20-те сообраќајни несреќи во кои учествуваа мигранти во Унгарија во изминатата година.
Преку границата, во Австрија, полицијата наведе 70 инциденти само во источната покраина Бургенланд, кога шверцери се обиделе да ги избегнат полициските контроли.
Австриската полиција го обвинува новиот бизнис-модел што го воведоа шефовите на бандите. Имено, според нивните сознанија, сега возачите се платени само ако успешно ја завршат работата, а порано добивале половина од парите однапред. Затоа сега возачите се многу подрски со цел да ја завршат работата и да ги земат парите, со што претставуваат сериозна опасност за сите учесници во сообраќајот.