Карикатурата на Поповиќ за првиот број на „Нова Македонија“

Василие Поповиќ-Цицо останува запаметен како творец на првиот македонски државен грб и на првиот грб на градот Скопје, како и автор на корицата на првиот македонски буквар. Како еден од основоположниците на македонската театарска сцена, од 1945 година во рамките на Македонскиот народен театар изработил безброј карикатури, 30 сценографии и 14 костимографии, се јавува и како автор на сценографијата за македонскиот филм „Мис Стон“, а наедно учествува во создавањето на весникот „Нова Македонија“, кога се објавува карикатура во неговиот прв број во 1944 година

Повод: 61 година од смртта на Василие Поповиќ-Цицо

Деновиве се одбележуваат 61 година од смртта на великиот македонски уметник Василие Поповиќ-Цицо. Тој останува запаметен како првиот македонски карикатурист и автор на корицата на првиот македонски буквар, првиот македонски државен грб и првиот грб на градот Скопје. Тој е еден од основачите на македонската театарска сценографија, а наедно учествува во создавањето на весникот „Нова Македонија“, кога се објавува негова карикатура во првиот број на весникот во 1944 година. Неговиот придонес за македонската уметност и култура е огромен, а неговото творештво се карактеризира со реализам, кубизам, поп-арт и конструктивизам. Тој имал извонреден цртачки талент, а неговите карикатури се одликуваат со емоционална интелигенција која е очигледна од приказите на ликовите. Василие Поповиќ -Цицо почина во Скопје во 1962 година.

Младешки бунтовнички години

Роден е во Скадар и потекнува од угледното семејство Поповиќ од Плав, кое со генерации давало свештеници, а неговиот дедо по мајка се школувал во Русија и бил истакнат скадарски граѓанин. Обрад, таткото на Цицо, за првпат дошол во Скопје во 1910 година, како свештеник. Во почетокот на Првата светска војна, Обрад со семејството се преселил во Плав, а првите сеќавања на Цицо биле поврзани со тој град во источниот дел на Црна Гора. Во Скопје пристигнал како петгодишно дете и тука останал до крајот на животот. Повеќемина негови соработници, уметници и интелектуалци укажуваат дека Скопје го сметал за роден град, а потребата за цртање ја открил во основното образование. Во детството цртал возови и други предмети по ѕидовите, но на тоа не му придавал значење. Постои една интересна анегдота за неговото прво уметничко признание. Секое утро купувал леб во пекарница, а кога успешно ја прецртал сликата од букварот на училишната табличка, пекарот му подарил кифла. Цицо честопати со задоволство се сеќавал на твој настан.
Основното образование го завршил без проблеми, но во гимназијата честопати доаѓал во судир со професорите. Во тој период започнал да се занимава со карикатура, а токму професорите биле објект на неговите цртежи. Поради својот темперамент на двапати бил протеруван и морал да ја менува гимназијата, оттука во одреден период се школувал во Тетово и во Призрен. Уште во текот на гимназиските години размислувал да се запише на Уметничката школа во Белград. Кога неговиот татко ја согледал љубовта на Цицо кон уметноста, го замолил тогашниот познат скопски уметник Никола Мартиноски (македонски уметник, академик и една од најважните личности за развојот на македонската уметност и култура во 20 век) да го подучува неговиот син. Мартиноски во своите подоцнежни сеќавања вели дека Цицо бил љубопитен ученик, со интерес кон цртежот и акварелот, но многу тврдоглав, придржувајќи се цврсто за некои свои разбирања и ставови. Во првата половина на 1933 година, Мартиноски работел на две ѕидни слики во новоизградена куќа на семејството Шкаперда, а Цицо му помагал. Во 1933 година, Цицо изработил и корица, во форма на фотомонтажа на книгата „Мата теглач“ од Цеко Стефановиќ, како и неколку цртежи. Познавачите велат дека неговите први карикатури биле елементарни кроки-цртежи на одделни личности, а скопскиот весник „Вардар“ започнал да ги објавува во текот на 1934 година. Својата прва изложба ја имал во мај 1933 година во Белград, во текот на Петтата пролетна изложба. Цицо имал голема желба да се запише на Уметничката школа во Белград, меѓутоа на двапати бил одбиван. На крајот, благодарение на големото инсистирање на Никола Мартиноски, успеал да се запише. Ве Белград омилени предмети му биле акварелот и декоративното цртање, а во ракотворниот весник при Уметничката школа објавил и неколку карикатури. Во тој период ја започнал и соработката со хумористично-сатиричниот весник „Оковани јазавац“.
По дипломирањето на Уметничката школа во 1938 година, поради финансиски причини не можел да го продолжи своето доусовршување. Истата година бил ученик при Офицерската школа во Сараево, а во Скопје се вратил во 1939 година и започнал да работи како сценограф во Народниот театар, заедно со Мартиновски и Томо Владимирски (еден од основоположниците на модерното македонско сликарство). Истата година кога започнува да работи во театарот, започнува и Втората светска војна, поради што честопати бил повикуван на воени вежби, сѐ до април 1941 година. Во тој период учествувал во неколку колективни изложби, а подготвувал и самостојна изложба, која требало да биде организирана од друштвото на пријателите на уметноста „Јефимија“.

Учество во македонската антифашистичка борба

Во текот на германската инвазија на Кралството Југославија во април 1941 година, Цицо бил заробен и до декември 1941 година бил во логорите во Либек, Хоенфелс и Нирнберг. Во тој период создал околу 80 карикатури познати како „Од логорот“, а во нив се претставени многу генерали, полковници и други личности од кралската југословенска војска. По ослободувањето од военото заробеништво се враќа во Скопје, кое тогаш е окупирано од царска Бугарија. Во тој период изработил повеќе карикатури, а главна тема била стравот од бомбардирањето, но направил и редица портрети и карикатури на илегалци. Од тој период се и карикатурите на неговите пријатели Петре Прличко и сликарот Томо Владимирски од 1943 година. Цицо го претстави Прличко со таканаречено вечно луле и гитара во рацете, а во аголот е претставена театарска маса. Владимирски е претставен со колаж од одделни книжни лепенки, дело што повеќе личи на шематизиран цртеж, отколку на карикатура.
За време на бугарската окупација, Цицо во одреден период живеел во куќата на Мартиновски, но во почетокот на 1944 година од страна на бугарските окупаторски власти бил интерниран во Горна Џумаја (Благоевград). Во август 1944 година бил ослободен и веднаш му се приклучил на македонското националноослободително и антифашистичко движење. Во септември 1944 година се наоѓа во селото Горно Врановци и се вклучува во Агитпропот при Главниот штаб на народноослободителната војска на Македонија. Во тој период Цицо изработил голем број цртежи, кои денес се чуваат во Историскиот музеј, а на нив се претставени повеќе значајни личности од тој период. Тука може да се споменат карикатурите на Панко Брашнаров и Владо Малевски, како и на Трајко Прокопиев (македонски композитор на класична музика и диригент). Своите карикатури продолжил да ги објавува во весникот „Нова Македонија“. Во првиот број на весникот, кој излегол на 29 октомври 1944 година, Цицо изработил карикатура на која е прикажан Адолф Хитлер, чии екстремитети се растегнуваат од страна на сојузниците, олицетворени во ликовите на Сталин, Черчил и Рузвелт. Во текот на 1945 година објавил серија карикатури познати како „Окупатор“, а во нив на многу умешен начин ги претставил своите чувства кон окупацијата на Македонија од страна на царска Бугарија.

Насловната страна на првиот македонски буквар

Творец на првиот македонски државен грб

Во повоениот период работи како професор по декоративно цртање во новооснованото Уметничко школо (денес Државно училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“) во Скопје. Во втората половина на 40-тите години на 20 век, интензивно работи карикатури, цртежи и акварели, илустрации и опрема на книги, а наедно се јавува и како автор на илустрацијата на првиот македонски буквар, како и илустрацијата на драмата „Гоце“ од Венко Марковски. Од тој период, Василие Поповиќ-Цицо останува запаметен како творец на првиот македонски државен грб, како и првиот грб на градот Скопје, а во 1957 година организира и самостојна изложба во Уметничката галерија. Како еден од основоположниците на македонската театарска сцена, од 1945 година во рамките на Македонскиот народен театар изработува безброј карикатури, 30 сценографии и 14 костимографии во МНТ, а се јавува и како автор на сценографијата на македонскиот филм „Мис Стон“. Последните работни години од својот живот ги поминува во весникот „Нова Македонија“.
Добитник е на повеќе награди, а меѓу нив се: Награда за уметничка работа од Владата на НРМ, Републичка награда за сценографија, Награда за сценографија од Владата на НРМ, „Златна арена“ за сценографија на филмот „Мис Стон“, медал „Заслуги за народ“ и Орден за труд од III ред, за развој на македонската култура и др.