ХАИКУ-ЛЕКЦИЈА

Од 26-от кат на хотелот, морето изгледаше близу, но сега, кога веќе половина час чекореше по правливата патека, немаше ништо од морското синило, уште помалку од шумот на брановите по песокливиот брег што го замислуваше при глетката од височината на хотелот. Наместо тоа, го пречека бесниот лаеж на пците од периферијата што клештејќи се и ’ржејќи се залетуваа кон него. Тука завршува мојот неуспешен излет до морето, се заврте кон назад и со остар чекор и исушена уста се врати кон огромното здание на хотелот.
Ги раскрили пердињата на високиот прозорец во собата на 26-от кат: однадвор, поради заштитните стакла, звуците се слушаа придушено, но затоа сликата на периферијата, со морето долу и сивото небо без облаци и без ветер горе, беше запрена, како стаписана.
– Каде ли се оние морски галеби? – се запраша, легнат нерасоблечен врз постелата, ама птиците не се покажуваа, како и тие да избегале од глетката, некаде далеку и засекогаш.
Не му се стануваше, како телото и главата да му отежнаа и да му се испразнија од секое движење, како глетката од прозорецот. Замижа, ама дремката, и покрај запрената тишина, не му доаѓаше. Лежеше така, неподвижен, мижејќи, неколку минути.
Кога сепак ги подотвори очите, глетката од прозорецот беше иста – контурите на расфрлените пониски згради, горе сивото небо, долу парче од морето.
И тогаш, од левиот горен агол на прозорското стакло, се појави, изнурка белото меше на галеб со раширени крилја.

Цртеж на Маја Стефановска