Луксузната јахта на украинскиот олигарх Виктор Медведчук закотвена во Трогирскиот залив, беше детално претресена од хрватските и американските истражители

Според сознанијата што допреа во јавноста, при претресот на јахтата во Трогир, покрај припадници на хрватските безбедносни сили, учествувал и цел тим на американското Федерално биро за истраги (ФБИ). Очигледно е дека случајот има исклучително значење, бидејќи поради овој претрес во Трогир допатувала повеќечлена екипа на американското ФБИ, во која, наводно, имало десетина агенти

Хрватска со внимание ја следи разврската за претресот на луксузната јахта „Ројал Романс“ на украинскиот олигарх во Трогир

Хрватската јавност со особено интересирање ја проследи веста дека во Трогир била спроведена истражна мерка – претрес од страна на мешан меѓународно-полициски истражен тим над луксузната јахта на украинскиот олигарх Виктор Медведчук.
Според достапните информации, при претресот на луксузната јахта, вкотвена во Трогир, покрај припадници на хрватските безбедносни сили, учествувал и цел тим на американското Федерално биро за истраги (ФБИ). Токму за оваа истражна мерка во Трогир допатувала повеќечлена екипа на американското ФБИ, во која, наводно, имало десетина агенти.
Што се однесува до сопственоста на пловилото, тоа е 92-метарска јахта што плови под името „Ројал Романс“ и му припаѓа на украинскиот олигарх Виктор Медведчук, поранешен украински пратеник, чија партија, како и другите опозициски сили, властите во Киев ја укинаа. Украинскиот олигарх Виктор Медведчук од западните медиуми беше прозиван како наводен сојузник на рускиот претседател Владимир Путин.
Дека била реализирана истражната мерка претрес на луксузната јахта за јавноста потврди Динко Мешин, судија и портпарол на сплитскиот Жупаниски суд. Притоа, тој додаде дека, всушност, истражната мерка била реализирана по барање на американското министерство за правосудство. Судијата исто така изјави дека поради тајноста на постапката од судот не можат да изнесуваат повеќе детали, освен дека на налогот покрај името на украинскиот олигарх е и името на неговата сопруга Оксана Марченко. САД против нив двајца водат постапка поради, наводно, кршење на американските сојузни закони, а обвинети се и за наводно перење пари.

Тајна кореспонденција меѓу Путин и Медведчук била цел на претресот?

Засега нема поконкретни информации за тоа што се барало и што било најдено при претресот, но се претпоставува дека се трагало по можна инкриминирачка документација или поголема сума пари скриена на јахтата. Се претпоставува, исто така, дека всушност цел на претресот бил евентуална документација и кореспонденција меѓу Медведчук и Путин со други украински олигарси и нивни контакти.
Во секој случај, доаѓањето на агентите на ФБИ сигурно било со цел јасно да се насочат хрватските полициски инспектори што треба да бараат, бидејќи поради законските ограничувања, не можеле да бидат носители на претресот. Увид во документацијата што стигнала во Хрватска преку меѓународна правна помош и во сплитскиот Жупаниски суд барал и адвокатот од Риека Зоран Вукиќ, кој ги застапува интересите на Медведчук, но бидејќи станувало збор за доверливи документи бил одбиен.
Инаку, ликот и делото на украинскиот олигарх Медведчук сами по себе се доволно голем предизвик и мистерија за новинарските екипи, кои му посветуваат големо внимание во своите прилози деновиве. Така, се навраќаат сеќавањата на вестите од пред околу два месеца, кога тој беше затворен и чуван на тајна локација на украинската разузнавачка служба, обвинет за велепредавство во Украина, а по инсистирање на Лондон во замена за ослободување на пет Британци, во септември годинава беше предаден во размената на воени заробеници меѓу Киев и Москва.
Постои уште една верзија за неговото движење во изминатиов период. Имено, според информациите на украинските разузнавачи, проруски олигарх близок до Путин 48 дена се криел и го чекал развојот на руската инвазија на Украина. Неговата партија претходно беше на списокот суспендирани од Зеленски поради поврзаноста со Русија. Медведчук потоа беше ставен во домашен притвор, од каде што побегна три дена откако Русија ја нападна Украина.
Инаку, тој ѝ е кум на ќерката на Путин и, наводно, поседува завидна колекција на луксузни автомобили, куќи и вили. Според „Форбс“, тој е тежок околу половина милијарда долари.

Луксузната јахта е едно од многуте мистериозни пловила засолнети на
Јадранот

Луксузната јахта „Ројал Романс“, вредна околу 180 милиони долари, е долга 93 метри, широка е 14,3 метри, дизајнирана е да смести 14 гости во седум луксузни кабини, а ја опслужуваат 22 члена на екипажот. „Ројал Романс“ развива максимална брзина од 15 јазли, а луксузните погодности вклучуваат фитнес-центар, лифтови што поврзуваат вкупно пет палуби и 12-метарски базен со водопад на палубата. Изградена е во холандското бродоградилиште „Френдшип“ во 2015 година.
Но токму претресот на луксузното пловило уште еднаш ја актуализира темата за големиот број јахти во сопственост на руски и украински олигарси, кои по почетокот на украинскиот конфликт се најдоа на удар на властите во западноевропските земји и беа конфискувани. Но набрзо по конфискацијата, стана јасно дека за нивно одржување треба да се издвојат милиони, што им донесе дополнителни проблеми на земјите што се решија на таков чекор. Како што пренесуваат хрватските медиуми, само американската и италијанската влада мора да издвојуваат најмалку 50 милиони долари годишно за одржување на запленетите бродови од руската флота. Секако, во моментот не можат да достават фактури до сопствениците, па трошокот падна на грбот на даночните обврзници, а веќе се случи шпанскиот суд да го одобри барањето на бродоградилиштето во Барселона да се конфискува брод чиј сопственик не сакал да плати за закотвување и сервисни услуги.
Оттука, на дневен ред се најде и прашањето што ќе биде со јахтите што беа досега запленети во Хрватска. Каде се тие и кој ги одржува или на чија сметка?
Според медиумите, во хрватските територијални води имало три такви бродови, но еден од нив, според досега достапните информации, заминал во непознат правец. Станува збор за 35-метарската јахта „Ирина ВУ“, сопственост на Ирина Винер Усманова, сопругата на олигархот Алишер Усманов, која извесно време беше на суво закотвена во марината Бетина.
Уште една руска јахта е вкотвена во АЦИ-марината Скрадин. Долга е околу триесетина метри и, според неофицијални информации, редовно се одржува, а за нејзиниот престој се плаќа на годишно ниво. Според неофицијални канали, на кои се повикуваат медиумите, сметките ги плаќа фирма регистрирана на Кипар, а бизнисот го водат неколку локални луѓе што редовно земаат плата за тоа.
Најинтересна е приказната токму за третата јахтата „Ројал Романс“ во сопственост на олигархот Виктор Медведчук, која на почетокот на војната се нашла во пристаништето во Риека, за подоцна да заплови до Трогир. Таа најнапред добила забрана за користење и пловење, но на крајот на март ѝ била дадена дозвола да ја напушти Риека и да се упати кон Трогир, каде што е сега и каде што се најде под опсервација на хрватските и на американските истражители.
Според досега познатите информации, јахтата претходно најчесто била закотвена во Монако.

Ангел Митревски, наш дописник од Хрватска