Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека светот минува низ длабоки промени и дека се појавуваат нови центри на глобалниот економски развој. Говорејќи на Деловниот форум на БРИКС во Њу Делхи, Путин истакна дека земјите од групата во последните пет години произведуваат повеќе од 40 отсто од светскиот бруто-домашен производ (БДП).
Според него, земјите членки на БРИКС располагаат со големи и динамични домашни пазари, а растот е дополнително поттикнат од забрзаната урбанизација.
– Ако зборуваме за растот на глобалната економија во истиот период, тогаш речиси половина од овој раст е обезбеден од земјите на нашиот сојуз – рече Путин, пренесува РИА Новости.
Рускиот претседател оцени дека западните земји се обидуваат да ја вратат поранешната позиција на лидер во светската економија, додавајќи дека економската конкуренција, според него, добива „грди облици“.
Путин ги обвини западните земји дека, во обид да го задржат економското лидерство, прибегнуваат и кон физичко уништување на индустриски и логистички објекти, како и цевководи.
– Оваа конкуренција сега добива грди облици… Тие грди облици се користат на државно ниво, дури и со употреба на директна физичка сила или со уништување на индустриски и логистички објекти, цевководи и така натаму – рече Пут
„Економик тајмс“ пренесе дека на Русија ѝ се воведени повеќе од 30.000 санкции, што, според тврдењата на Путин, е двојно повеќе од санкциите воведени кон сите други земји во светот заедно.
Путин оцени дека земјите што ги вовеле антируските санкции и самите се соочуваат со економски проблеми, меѓу кои буџетски дефицити, растечки јавен долг и пад на индустриското производство.
– Во услови на строги надворешни ограничувања, можно е да се постават амбициозни цели и успешно да се остварат – рече рускиот претседател.
Тој додаде дека индустриското производство во водечките економии на еврозоната во последните неколку години се намалило за осум отсто.
– Русија го зајакнува економскиот суверенитет – истакна Путин.
Според рускиот лидер, БРИКС создава нова и одржлива платформа за глобален економски раст, чии правила не се наметнати однадвор.
– БРИКС создава нова, одржлива платформа за глобален раст. Клучно е што нејзините клучни елементи, правилата што ја регулираат работата на компаниите и организациите, не се наметнати однадвор – рече Путин.
Тој порача дека Русија е подготвена да соработува со сите земји, вклучително и со западните држави, и да придонесе кон глобалната енергетска и прехранбена безбедност.
Путин денеска ја започна тридневната посета на Индија. Во текот на посетата ќе учествува на 18. самит на БРИКС, кој ќе се одржи на 12 и 13 септември, како и на повеќе билатерални средби.
































