Фото: Принтскрин

Македонија е позитивен пример во примената на напредни практики на транспарентност на централната банка и ужива висок степен на доверба кај јавноста, оцени заменик-генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Бо Ли, пренесе „МИА“.

Во интервју за публикацијата на Народната банка „80 години централно банкарство: Глобални перспективи, регионална соработка и идни предизвици“, Ли се осврнува на значењето на независноста на централните банки во услови на глобална економска неизвесност.

Тој посочува дека искуствата од различни земји покажуваат оти независните централни банки се во подобра позиција да ја зачуваат ценовната стабилност, да ги одржат инфлациските очекувања под контрола и навремено да одговорат на економските шокови.

Според Ли, независноста на централната банка не значи изолираност од демократските институции. Таа подразбира автономија во носењето одлуки, во рамките на јасно утврден законски мандат и врз основа на податоци, професионална анализа и стручна проценка.

Истовремено, независноста, како што нагласува, мора да биде проследена со добро управување, транспарентност, отчетност и јасна комуникација со јавноста.

Осврнувајќи се конкретно на Народната банка, Ли ја издвојува Македонија како позитивен пример. Тој посочува дека земјата е меѓу првите што спровеле проценка според Кодексот за транспарентност на централните банки на ММФ.

Проценката, според него, покажала дека Народната банка веќе применува напредни практики на транспарентност и ужива висок степен на доверба кај јавноста.

Ли издвојува и неколку клучни услови за зачувување на институционалниот кредибилитет, особено кај помалите економии. Меѓу нив се јасно дефиниран мандат, кохерентна рамка на политики, оперативна автономија и доследност во носењето и објавувањето на одлуките.

Како важни ги посочува и силната правна рамка, доброто управување, транспарентноста и отчетноста.

Во интервјуто, заменик-генералниот директор на ММФ ја истакнува и улогата на Фондот во зајакнувањето на независните централни банки преку совети за политики, техничка помош, развој на институционалните капацитети и истражувања.

Поддршката опфаќа области како монетарна политика, институционално управување, правна рамка, управување со девизните резерви, супервизија, статистика, комуникација и управување со ризици.

Интервјуто со Бо Ли е дел од публикацијата посветена на 80-годишниот јубилеј на централното банкарство во Македонија. Публикацијата содржи серијал интервјуа со актуелни и поранешни гувернери на централни банки, високи претставници на меѓународни финансиски институции и претставници на меѓународни централнобанкарски организации.

Целото интервју е достапно на следниот линк: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-intervju-na-bo-li-zamenik-generalen-direktor-na-megunarodniot-monetaren-fond-nezavisnost-na-centralnata-banka-vo-uslovi-na-globalni-predizvici.nspx