„БОИТЕ НА СЛОБОДАТА“ – ИЗЛОЖБА ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА
Во историскиот дел на Музејот на Македонија е отворена изложбата „Боите на слободата“. Изложбата претставува избор од колекцијата на Музејот на Македонија, со голем број историски предмети и документи, како и уметнички дела од Мартиноски, Личеноски, Родољуб Анастасов, Томо Шијак, Радмило Поповски, Борко Лазески, Трајче Николовски, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски, Бранко Коневски, Љубомир Белогаски, Ангеле Ивановски, Драгољуб Маринковиќ-Пемкин, Василије Поповиќ-Цицо и Јордан Грабуловски. Изложбата ја отвори директорот на Музејот на Македонија, Александар Ристевски, заедно со дел од кураторскиот тим.
Во организацијата на изложбата учествуваат кустосите Марија Петковска, Татјана Трајковиќ, Анета Попантоска, Здравко Стојкоски и други стручни лица од Музејот. Изложбата ќе трае во следните два месеца, во период во кој Музејот на Македонија ќе одбележи 50 години од изградбата на објектот.
– По повод 35 години од прогласувањето на независноста на Македонија, изложбата „Боите на слободата“ го обележува државотворниот јубилеј преку најтрајниот белег на еден народ – неговото културно и уметничко творештво. Изложбата претставува визуелен дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината, низ дела и предмети што сведочат за историските пресврти, стремежот кон слобода и процесите низ кои се обликувал современиот македонски културен идентитет. Од традицијата на Охридската книжевна школа и македонската преродба, преку Илинденското востание и Крушевската Република, Народноослободителната борба и АСНОМ, па до референдумот од 8 септември 1991 година, изложбата го следи континуитетот на македонските стремежи кон слобода, достоинство и сопствена државност. Посебно место имаат делата на повеќе генерации македонски творци – писатели, сликари, скулптори, актери, композитори и режисери – кои преку својот автентичен творечки ракопис оставиле траен белег во македонската културна меморија – велат од Музејот.
„Боите на слободата“ ги поврзува трите симболични Илиндени – Илинден 1903, АСНОМ 1944 и 8 Септември 1991 – како три историски точки што ја обележуваат борбата за слобода, државност и идентитет. Ова не е само изложба за историјата. Таа е сведоштво за тоа како уметноста ја памети, толкува и продолжува историјата.
– Ве покануваме да бидете дел од одбележувањето на овој значаен јубилеј и преку вашето медиумско присуство да ја доближите до јавноста приказната за културното наследство, слободата и творечкиот дух што опстојува низ генерациите. Идентитетот не е зацртан, туку се освојува од ден на ден. Впрочем, исто како и слободата, како што вели Горан Стефановски – се наведува во кураторскиот текст. В.Д.






























