ОД ЛАНГОЛЕН ДО ЛОНДОН И ОКСФОРД
Силниот ехоритам на македонскиот искон повторно ќе го растрепери срцето на Обединетото Кралство. По точно 76 години од 1950 година – кога националната установа Ансамбл за народни игри и песни „Танец“ на Меѓународниот фестивал во Ланголен го воодушеви светот, ја освои првата награда и го запиша митското оро „Тешкото“ во светската уметничка историја – ансамблот се враќа со два ексклузивни концерта во Лондон и Оксфорд.
Настапот во Ланголен во 1950 година беше првото историско претставување на „Танец“ надвор од границите на земјата. Тогаш, ритмичкиот и пркосен скок на „Тешкото“, поддржан од исконскиот ек на зурлата и тапанот, предизвика восхит кај британските критичари и растрепери милиони срца, докажувајќи дека македонскиот фолклорен код поседува универзална уметничка моќ.
По повеќе од седум децении, „Танец“ повторно ја носи истата оган-енергија пред британската и меѓународната публика во Лондон на 16 септември и во Оксфорд на 18 септември. Со врвна уметничка прецизност, раскошни автентични носии и богата музичко-сценска програма, уметниците од „Танец“ ќе ги изведат канонските ора „Тешкото“ и „Драчевка“ и низа традиционални вокално-инструментални бисери.
– Нашето враќање во Лондон и Оксфорд по точно 76 години не е само симболично затворање на еден голем културен круг туку и горда потврда дека „Танец“ останува жив чувар и светски амбасадор на македонскиот идентитет и традиција. Оваа турнеја претставува врв на македонската културна дипломатија за оваа сезона, продлабочувајќи ги врските меѓу двете држави и зацврстувајќи го местото на македонското фолклорно наследство во престижните европски и уметнички центри – велат од ансамблот.






























