Германската десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) поднесе кривична пријава против канцеларот Фридрих Мерц поради неговите изјави во Бундестагот, во кои партијата ја обвини дека со политиката на „ремиграција“ застапува „етничко чистење“, пренесе „МИА“.
Пратеничката група на АфД соопшти дека изјавите на Мерц се однесуваат на партијата и дека, според нив, претставуваат кривично дело. Од АфД сметаат дека станува збор за клеветнички изјави кои не треба да бидат опфатени со парламентарниот имунитет.
Мерц ја даде изјавата во средата, за време на парламентарната дебата, како одговор на острите критики од копретседателката на АфД, Алис Вајдел, за неговите политики.
– Милиони луѓе од мигрантско потекло работат и во занаетчиството и доколку тоа што овде го застапувате, таканаречената „ремиграција“, стане реалност, тоа не е ништо помалку од етничко чистење врз основа на бојата на кожата и потеклото – рекол Мерц, а пренесе „Ројтерс“.
Неговата изјава била прекината откако претставник на АфД удрил со раката по масата. Мерц потоа продолжил со критиките, додавајќи дека терминот „ремиграција“ е „синоним за етничко чистење врз основа на потеклото и бојата на кожата“.
Правниот советник на пратеничката група на АфД, Штефан Бранднер, изјавата ја оцени како „криминална“, тврдејќи дека таа претставува клевета и затоа не треба да биде заштитена со парламентарниот имунитет.
Според член 46 од германскиот Устав, пратениците во принцип не можат да бидат повикани на одговорност или гонети поради своите изјави во Бундестагот. Исклучок претставуваат клеветничките навреди.
Сепак, за да може да биде поведена постапка против пратеник, Бундестагот треба да одлучи за укинување на неговиот имунитет, доколку надлежните органи утврдат основа за понатамошно постапување.

































