Фото: Маја Јаневска-Илиева

Превозниците од четири земји од Западен Балкан – Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора – нема да го реализираат најавениот протест на 14 септември, кој предвидуваше затворање на граничните премини кон земјите од Европската Унија.

Одлуката е донесена по средба со претставници на дел од државите членки на Шенген-зоната, одржана преку Мисијата на Европската Унија со седиште во Белград, соопшти Асоцијацијата „Макам-транс“.

Од „Макам-транс“ велат дека со одлуката сакаат да покажат добра волја и разбирање за последиците што би ги предизвикало прекинувањето на синџирот на снабдување со стока меѓу Западен Балкан и ЕУ.

 – Искажавме доверба на ветувањето дека ќе се забрза процесот за изнаоѓање соодветно решение за професионалните возачи и нивниот престој во Шенген-зоната подолг од 90/180 дена, до изгласување на новата визна стратегија во втората половина на 2027 година – соопштија од Асоцијацијата.

Одлуката, како што додаваат, е донесена за одреден период, а сите подготовки за спроведување на протестот се ставени вон сила.

Превозниците од регионот на 1 септември одржаа предупредувачки протест, со кој побараа решение за проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната, согласно правилото 90 дена престој во период од 180 дена.