Формирана е Комисија за македонскиот рубин, која ќе работи на воспоставување систем за сертификација, следливост и заштита на неговото потекло, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).
На работна средба во Министерството, министерката Сања Божиновска разговарала со членовите на новоформираната Комисија, претставници на Државниот завод за индустриска сопственост, надлежните сектори за геологија и рударство и директорот на Геолошкиот завод, Ивица Андов.

Од МЕРМС посочуваат дека формирањето на Комисијата претставува нова фаза по институционалното признавање и заштита на македонскиот рубин. Целта е да се воспостави функционален систем преку кој ќе се следи што се ископува, кој има право да го произведува и обработува, од каде потекнува рубинот и под кои услови може да се пласира на пазарот.
Меѓу првичните приоритети на Комисијата се воспоставување систем за сертифицирање, подготовка на каталог и регистар на овластени производители и обработувачи, евиденција на количините и движењето на рубинот, како и утврдување стандарди за негова обработка, означување и презентација.
Предвидени се и мерки за спречување злоупотреби и лажно претставување на други минерали како македонски рубин.
– Со заштитата на македонскиот рубин направивме историски чекор, но со тоа работата не завршува. Сега започнува следната фаза, да воспоставиме систем кој ќе гарантира дека станува збор за рубин со потекло од Македонија, кој е сертифициран, евидентиран и заштитен – изјавила Божиновска.
Според неа, целта е македонскиот рубин од природно богатство да прерасне во препознатлива национална вредност и бренд со јасно утврдени правила и стандарди.
Паралелно со воспоставувањето на домашниот систем за сертификација и следливост, започнат е и процес за меѓународна афирмација на македонскиот рубин, со цел неговото потекло и автентичност да бидат препознатливи и надвор од државата.
– Македонскиот рубин не треба да биде само минерал кој го знаеме ние. Треба да стане препознатливо име поврзано со Македонија. Само така можеме да создадеме производ кој има и економска и национална вредност – нагласила Божиновска.
Македонскиот рубин е препознатлив по малиново-розевата боја, која произлегува од присуството на хром во неговата кристална структура. Наоѓалиштата во регионите на Прилеп и Мариово, според МЕРМС, му даваат посебна геолошка и пазарна вредност, а неговата заштита отвора можности за сертификација, брендирање и контролирано искористување.
































