Единицата за насилен криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Р.К. и И.С., поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „убиство“.
Кривичната пријава се однесува на убиството што се случи на 6 септември околу 23:30 часот во близина на раскрсницата на улиците „Прохор Пчински“ и „Војдан Чернодрински“ во Скопје.
Според пријавеното, додека Д.Г. (29), А.Џ. (24), К.Б. (36), Е.Б. (25) и А.М. (26), сите од Скопје, стоеле пред излог на фирма, до нив застанал мотоцикл со две лица.
Двете лица од мотоциклот пукале со огнено оружје кон групата, по што избегале од местото. При пукањето бил погоден 26-годишниот А.М.
Тој со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, но им подлегнал на повредите.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно изјави дека МВР интензивно работи на расчистување на случајот и дека се обезбедени докази за сторителите.
Тошковски тогаш посочи дека еден од осомничените во моментот издржува затворска казна, но не откри повеќе детали за истрагата.
– Министерството за внатрешни работи има првични информации за сторителите. Има обезбедено и соодветни докази во однос на тоа кои се сторителите – изјави Тошковски.
Во однос на мотивот, министерот рече дека сè уште е рано да се соопштуваат детали. Тој посочи дека според првичните информации, не станува збор за пресметка меѓу организирани криминални групи за превласт на теренот, туку дека се истражуваат други можни причини.
Истрагата за случајот продолжува, а надлежните институции треба да ги утврдат сите околности поврзани со убиството.

































