Високиот комесар на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изјави во интервју за шпанската јавна телевизија „ТВЕ“ дека е загрижен поради можни нови конфликти по случувањата во Украина.

Борел тврди дека конфликтот може да се прелее во Молдавија и Грузија, каде што отцепените региони со руско население веќе функционираат како држави, но без меѓународно признавање. Смета дека влошување може да дојде и во поранешна Југославија.

– Се плашиме дека може да има повеќе конфликти, на пример на границата со Молдавија, или дека нешто може повторно да се случи на Балканот. Тоа нè загрижува. Или во Грузија, каде Русија изврши агресија во 2008 година. Јас лично сум загрижен – рече тој.

Западот сега мора да го сопре рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи ако Киев падне тоа ќе има последици за целиот исток на Европа, кажа словенечкиот премиер Јанез Јанша во интервју за „Еурактив“, предупредувајќи за можен домино-ефект од украинската криза.