Стравотна железничка несреќа во Грција

Според првичните индиции од истрагата, трагичната несреќа во која загинаа најмалку 36 лица, а над 80 се повредени, се припишува на човечка грешка. Но од час на час, за жал, расте бројот на загинати во железничката несреќа. Иако е прерано да се расветлат сите аспекти на кобната трагедија, првичните индикации велат дека двата воза директно се судриле, најверојатно со голема брзина. Се проценува дека шефот на станицата во Лариса не ги свртел клучевите преку кои механички се регулира минувањето на возовите на клучките, па на иста линија се испратиле два воза, кои се движеле на ист правец, а во спротивна насока.
Грчката полиција го приведе шефот на смената на станицата поради основано сомнение дека по негова вина се случила трагедијата во која се судриле патнички воз на релацијата Атина – Солун и товарен воз што превезувал лим на релацијата Солун – Атина.

Полицијата сослушала двајца службеници на железницата, но тие не се приведени. Јанис Дицас, претседател на синдикатот на железничарите, за ЕРТ изјави дека и покрај 40-годишното искуство, не може да каже кој е виновен за несреќата. Тој додаде дека единствена утеха е тоа што несреќата не се случила во блискиот тунел.
Возовите се судрија непосредно пред долината Темпи, клисура што ги дели регионите на Тесалија и Македонија, на околу 378 километри северно од Атина. Извештаите велат дека патничкиот воз се движел со 160 км/ч. кога удрил во товарен воз во близината на Темпи, непосредно пред полноќ. Полицијата соопшти дека неколку вагони излетале од шините, а најмалку три се запалиле.
Спасувачите со фарови работеа во густ чад, извлекувајќи парчиња искривен метал од вагоните во потрага по заробени луѓе. Други ја пребаруваа областа со батериски ламби и проверуваа под урнатините. Се верува дека неколку мртви се пронајдени во вагонот за јадење во близината на предниот дел на патничкиот воз.
Претставници на болницата во блискиот град Лариса изјавија дека најмалку 25 се тешко повредени.
Еден од спасувачите, кој веднаш пристигнал на местото на несреќата, ја опишал катастрофата што ја затекнал.
– Ситуацијата беше трагична, бидејќи имаше многу загинати, од еден по полноќ вадиме само мртви. Повредените успеаја да избегаат од вагонот во првите час и половина по несреќата, а потоа вадиме само мртви – рече тој.
Тој додаде дека повеќето од жртвите се студенти.
– Осумдесет отсто од патниците беа млади, до 30 години – рече спасувачот.

Подготвил: Mарјан Велевски