Фото/Илустрација: Игор Бансколиев

„Патниците не можеа да излезат од српскиот автобус додека не дојде брзата помош. Луѓето веднаш притрчаа да помогнат и ги извлекоа повредените и онесвестените“, сведочат очевидци на сообраќајната несреќа што се случи малку пред седум часот утринава во близина на македонската граница, од грчката страна, а во која учествуваа два автомобили и автобус со над 70 српски туристи.

Станува збор за туристички автобус на нишка агенција кој се превртел кога во него во спротивна насока налетал патнички автомобил со грчки регистерски ознаки, во кој загинаа сите четворица патници.

Според полицијата, потоа уште еден автомобил во кој се возелe мајка и дете од Србија удрил во првиот, а лицата од тоа возило не се повредени.

Повредените патници од автобусот се префрлени во околните болници.

Директорот на туристичката агенција од Ниш, Бојан Милосављевиќ за „Еуроњуз Србија“ изјави дека меѓу српските туристи има и полесно и тешко повредени и дека нивното лекување е во тек.

Еден од очевидците на несреќата, Македонец, кој утрото се враќал дома, изјави дека на местото на несреќата пристигнал набргу откако се случила несреќата.

– Беше страшно, уште сум во шок. Едно возило беше среде патот, целосно згмечено. Патниците не можеа да излезат од српскиот автобус додека не дојде брзата помош. Беа покрај патот – изјави тој за српскиот портал „Телеграф“.

На местото на настанот пристигнала брза помош која им укажала лекарска помош на повредените лица.

Друга жена раскажа дека во автобусот од Ниш биле нејзините родители.

– Ми се јави мајка ми, рече дека ја однеле во болница и чекале снимање. Ми кажа дека е премногу страшно, скоро два часа им помагала на луѓето, додека татко ми излегол низ прозорецот од автобусот. Фала му на Бога што преживеаја и се живи. Очекуваме дополнителни информации по снимањето – изјави таа за порталот Нова.

Во акцијата за спасување учествуваа 18 пожарникари со шест возила. Повредените се здобиле со различни повреди, а на лице место им била укажана итна медицинска помош, по што се префрлени во болница, јавува Катеимерин. Истрагата за причините за несреќата е во тек, соопшти сообраќајната полиција.

Директорот на националната асоцијација на туристичките агенции во Србија, ЈУТА, Александар Сеничиќ, претходно за „Н1“ изјави дека тешката сообраќајна несреќа во Грција се случила кога возачот на автомобилот со грчки регистерски таблички заспал зад воланот и удрил во автобусот со српските туристи.

Сообраќајната несреќа се случи во близина на граничниот премин Евзони, на дел од патот кој не е автопат. Овој дел многу возачи го сметаат за небезбеден, а средината на патот често се користи за заобиколување во двете насоки, додека побавните возила се движат во лентата за застанување за да направат место за оние кои брзаат.