Фото: Страница на бугарскиот парламент

Како што пренесуваат повеќето бугарски електронски медиуми, една недела пред конститутивната седница на 48. Народно собрание, на неформален состанок, претставници на седумте парламентарни партии разговарале за тоа како ќе се одвива првата седница, закажана за 19 октомври.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, причина за сериозен проблем меѓу нив станало прашањето дали на свеченото отворање треба да присуствува и руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова.

Традиционално, сите странски амбасадори во Бугарија добиваат покана за церемонијата на отворање на работата на новоизбраното Народно собрание.

Десислава Атанасова од ГЕРБ коментира дека нејзината партија цврсто се противела на присуството на Митрофанова. Според неа, руската страна е агресор во војната со Украина, а ГЕРБ категорично не смета дека за амбасадорката Елеонора Митрофанова има место на првата седница на 48. Народно собрание.

„Промените продолжуваат“ се цврсто против присуството на руската амбасадорка, коментира Нестимир Ананиев.

Според информации на социјалните мрежи, бугарските социјалисти и популистичкиот и пропутинистички „Преродба“ се против ставот рускиот амбасадор да не биде поканет на првата средба.

Од „Демократска Бугарија“ коментираат дека тие биле иницијатори за разговорот на темата, изразувајќи ја позицијата дека се категорично против присуството на руската амбасадорка во Бугарија на свеченото отворање на новоизбраното Народно собрание.

Засега се уште не се познати позициите на Движењето за права и слободи и партијата на поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев.