Поранешниот албански премиер и актуелен пратеник и лидер на побројното крило на опозициските демократи, Сали Бериша, изјави дека 6 декември е датум кога “опозиционерите треба да го покажат својот глас пред Европската унија, за да се одбрани плурализмот”.
На седница на претседателството изјави дека лидерите на Европската унија овој чин треба да е разберат како знак на гостопримство.
– Протестот од 12 ноември мора да продолжи со други протести и мислам дека 6 декември е датум, историски настан, опозиционерите да го кренат својот глас пред највисоките претставници на европските демократии, пред целиот свет. Токму ова е агенда- битка против монизмот и за постоењето на плурализмот – рече тој.
Според него приоритет е и заштитата на најголемиот јавен имот што го имаат Албанците денеска, а тоа е пристаништето Драч, кое “се ограбува на најнезамислив начин и се присвојува од кланот Рама”.
– Ги поздравуваме и им им посакуваме добредојде на шефовите на држави и влади на ЕУ. Нашиот протест има за цел пред се да докаже дека во оваа држава која секој месец се повеќе осиромашува, краде и пустоши, демократските стремежи се силни. Повикувам овој наш протест да се сфати како чин на добредојде кон нив и дефинитивно непријателски, флагрантен, отворен чин кон Еди Рама, кој со своите афери ја срами нацијата, секој граѓанин, човек, слобода, плурализам, права, транспарентност и сѐ друго – порача Бериша.
Потврдата од Бериша за масовен антивладин протест на 6 декември, кога во Тирана ќе се одржи Самитот ЕУ-Западен Балкан, доаѓа ден по најавата за можноста од протест.
На тоа вчера остро реагираа од владејачката Социјалистичка партија.
Генералниот секретар на партијата и координатор на пратеничката група, Таулант Бала, рече дека Бериша е срам за земјата и го обвини дека тој никогаш не сакал интеграција на земјата во ЕУ.
Министерот за правда, пак, Улси Мања го обвини Бериша дека е „човек на Русија во Тирана“, кој “протестира за да ги достави на место нарачките што ги добива од Москва”.