Најскапи се становите во Словенија и во Србија. Купувачите во Љубљана ќе одвојат 15,2 годишни плати, додека во Белград дури 16,1 годишни плата

Растот на цените на становите во Европа се одрази и на висината на станбениот квадрат во земјите од регионот. Во споредба со земјите на Балканот, жителите во Загреб се во најповолна позиција, кога станува збор за решавањето на најважното животно прашање за секое семејство. Во главниот град на Хрватска за купување 70 квадрати метри се потребни 11,5 годишни нето-плати. Во сите соседни земји купувачите ќе мора да одработат подолг период, но и подолго да штедат за да се стекнат со сопствен стан. Во Сараево и во Будимпешта за недвижности со иста површина се потребни 11,7 годишни нето-плати, а во Подгорица и во Тирана треба да се одвојат 12,4 годишни плати. Најскапи се становите во Словенија и во Србија. Купувачите во Љубљана ќе одвојат 15,2, додека во Белград дури 16,1 годишни плата.
Клара Матиќ, од агенцијата за недвижности „Колиерс Хрватска“, во изјава за Н1 вели дека односот на платите и пазарните цени, како релативен показател, покажува дека становите се најевтини во Загреб.
– Овие податоци нѐ изненадија од причина што Белград и Љубљана се помалку достапни за купување станови. Во регионот е присутна силна побарувачка, но помалку се знае за понудата – вели Матиќ.
Престолнината на Словенија е позната по тоа што има недостиг од станови за продажба и затоа на купувачите им е потешко да најдат и недвижност што е во стара градба. Белград отиде во друг правец и во овој град се градат луксузни станови, кои ја подигаат и просечната цена на становите. За Загреб е проблем ниската понуда на недвижности за живеење, пренесува Б92.
Пред големата финансиска криза во Загреб годишно се граделе меѓу осум и девет илјади стана, а денеска таа бројка достигнува до три илјади. Растот на цената на становите трае последните пет години. Последните три месеци лани просечната цена на метар квадратен била повисока за 9,1 отсто на годишно ниво.

Подготвил: Митко Јовановски