Земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала ја погоди синоќа Албанија, а потресот беше почувствуван низ цела Македонија. Од јачината на ударот во Драч се урнале згради, а медиумите јавуваат дека засега има најмалку четворица загинати и стотина повредени.

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија утринава регистрираше серија на земјотреси, чии епицентри потекнуваат од соседна Албанија, од подрачјето на Драч на растојание 170 километри југозападно од Скопје.

Најсилен до сега од оваа серија бил земјотресот во 3 часот и 54 минути со локална Рихтерова магнитуда 6,3 кој бил почувствуван на целата територија на Републиката.

Освен кај нас, земјотресот бил почувствуван и во Србија, Црна Гора, Италија, Грција, Хрватска, Босна и Херцеговина и Бугарија.

По земјотресот со јачина од 6,3 степени, следеле потреси со епицентар во Албанија со јачина од 5,1 и 5,3 степени според Рихтеровата скала. Потоа, во текот на ноќта имало уште најмногу десет потреси со јачина во интензитет од 3,2 до 5,6 степени според Рихтер.