Турција планира да истражува за нафта и гас во области на Средоземно Море, што Грција ги смета за свои. Грчката влада предупреди дека какво било дупчење во близината на грчките територии ќе предизвика жестока реакција. Не е определена временската рамка за спроведување на планот на Турција, што се однесува за истражување на седум локации во близината на грчките острови, вклучувајќи и до Родос и Крит.

Турција и Грција, кои се НАТО-сојузници, долго време спорат за правата на морскиот простор богат со нафта и со гас. Односите меѓу двете земји во последните месеци се заострија откако Турција склучи договор со Либија. Со него на Турција ѝ се дозволува да го истражува морското медитеранско дно и да ги експлоатира минералите од него.
Во последните години во Источниот Медитеран се откриени значителни извори на гас. Египет, Грција, Израел и Кипар се залагаат за поголема контрола на регионот, оставајќи ја Турција сама да се соочи со интересите на Грција.