Две третини од Србите имаат негативен став кон Албанците како и две третини Албанци спрема Србите, иако само петтина Срби лично познаваат Албанец и само шест отсто Албанци имаат познаник меѓу Србите, покажуваат резултатите од анкетата на Фактор плус.

Анкетата е направена за потребите на агенцијата Танјуг по повод поширок проект „Срби и Албанци – по кој пат понатаму“, заедно со албанската агенција АТА. Анкетата е реализирана во август на примерок од 1.000 лица во Србија и 1.000 луѓе во Албанија. Резултатите покажале дека мнозинство Срби и Албанци не познаваат лично припадници на другиот народ. На прашање каков став имаат едни кон други, 64 отсто Срби се изјасниле дека имаат негативен став спрема Албанците односно 59 отсто Албанци – се со негативен став кон Србите.

Одговорите на прашањето за кој народ во опкружувањето имаат најнегативно мислиење, одговорите биле поинакви. Две третини Албанци рекле дека најнегативно мислење имаат за Србите, додека за Албанците најнегативно мислење имаат третина испитаници од Србија. Србите се најнегативни кон Хрватите – 45 отсто. Граѓаните на Србија најмногу ги почитуваат Грците – 43 отсто, а Албанците – Италијанците со само еден отсто повеќе. За Србите следуваат Црногорците и Македонците за кои се определиле 20 односно 18 отсто. Кај Албанците, Грците со 22 отсто, па потоа Црногорците со 16 отсто позитивни одговори. И Србите и Албанците ги опишуваат другите како агресивен народ. Србите како пожелени сограѓани се за 29 отсто Албанци, додека 33 отсто Срби немаат ништо против Албанци да живеат во Србија. Половина анкетирани Срби и Албанци се изјасниле дека не би се согласиле да работат со Албанец, односно со Србин. Дури 92 отсто испитаници од Србија не би се согласиле на брак со Албанец или Албанка, додека за брак со Србин или Србинка негативен став имаа 85 отсто албански испитаници. Осумдесет и три отсто Албанци сметаат дека Србија треба да го признае Косово додека тоа мислење го споделуваат само четири отсто Срби.