Специјалната известувачка на Европскиот парламент за Косово, Виола фон Крамон, го оцени како неприфатлив потегот на косовскиот премиер, Албин Курти, кој како албански државјанин денеска гласаше на изборите за новиот албански парламент.

Во објава на Твитер, таа истакна дека многумина во Косово се жалат за мешањето на Србија и српскиот претседател, додека во исто време Курти гласа во соседна земја.

– Не можам да разберам за што станува збор. Од една страна, сите во Косово се жалат на мешањето на Србија или српскиот претседател Александар Вучиќ, а од друга страна, премиерот на Косово гласа во соседна земја. Тоа е неприфатливо. Барем не е за мене – напиша фон Крамон.

 

Според албанските медиуми, косовскиот премиер Курти изјавил дека за Албанија доаѓаат многу подобри денови.

– Времето е убаво, вака ќе биде и до вечер. Посакувам што повеќе вакви убави и напредни денови да има Албанија и секој човек, што како и јас, има пасош на Албанија – рекол Курти.

Сите избирачки места на парламентарните избори во Албанија беа затворени вечерва во 19 часот, пренесува албанскиот портал „Егзит њуз“.

Владејачката албанска Социјалистичка партија на Еди Рама, води на денешните парламентарни избори, со 46,9 проценти од гласовите, според излезната анкета на албанската телевизија „Топ ченел“.

Албанија има околу 2,8 милиони жители, а прво на глас имаат 3,6 милиони граѓани, бидејќи може да гласаат и Албанци кои живеат во други земји.

Албанците бираат 140 пратеници од 1.800 претенденти на 12 политички партии, коалиции или независни кандидати.