Сите избирачки места на парламентарните избори во Албанија беа затворени вечерва во 19 часот, пренесува албанскиот портал „Егзит њуз“.

Владејачката албанска Социјалистичка партија на Еди Рама, води на денешните парламентарни избори, со 46,9 проценти од гласовите, според излезната анкетата на албанската телевизија „Топ ченел“.

Според резултатите од излезната анкета, опозициската Демократска партија на Љуљзим Баша е на пат да се најде на второто место, со 43,5 проценти од гласовите, а третото место се предвидува за Движењето социјалисти за интеграција на претседателот Илир Мета со 6,9 проценти од освоените гласови, пренесува „Ројтерс“.

Претседателот на Албанија, Илир Мета, им порача на граѓаните дека на денешните парламентарни избори треба да изберат кандидат кој ќе ги заштити националните интереси и интересите на граѓаните.

Мета посочи дека во Тирана е забележан фантастичен одзив на гласачите, што, како што рече, покажува дека Албанците се многу одговорен народ кога станува збор за гласање, пренесува приштинска „Коха диторе“.

Албанскиот претседател рече дека напредокот во изборниот процес е клучен во отворањето на преговорите со ЕУ и дека тоа води кон зајакнување на сите институции во земјата.

Албанија има околу 2,8 милиони жители, а прво на глас имаат 3,6 милиони граѓани, бидејќи може да гласаат и Албанци кои живеат и во други земји.

Албанците бираат 140 пратеници од 1.800 претенденти на 12 политички партии, коалиции или независни кандидати.