Фото: Илустрација

Пожар избувна во шумската област Киристос на островот Евија во Грција, но властите сè уште не знаат точно што го предизвика пожарот.

Жителите на блиското село Ниборио започнаа да ги напуштаат своите домови пред да пристигнат првите противпожарни екипи на лице место и официјално да биде издаден налог за евакуација, пренесува АНА.

Според првите информации, пожарот се шири многу брзо поради силниот ветер што дува на целата област.

Пожарникари од целиот остров, но и од континенталниот дел на Грција се испратени да го изгаснат пожарот.

Три канадски авиони досега не успеаја да се приближат до погодената област поради силните налети на ветерот.