Приштина – Вршителката на должноста претседател на Република Косово, собраниската спикерка Вјоса Османи, одлучи да го распушти Собранието и да ги распише вонредните парламентарни избори за 14 февруари годинава. Одлуката на Османи дојде по конечната одлука на Уставниот суд на Косово за прогласување за нелегитимна на досегашната влада, предводена од Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и за организирање вонредни парламентарни избори. („Коха“)

Тирана – Турција и Албанија во средата потпишаа договор за унапредување на билатералните врски на ниво на стратегиско партнерство.
– Само што потпишавме заедничка политичка декларација за формирање совет за стратегиска соработка на високо ниво. Така, ги подигнавме нашите односи на ниво на стратегиско партнерство – рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. („Либертас“)

Софија – Во Бугарија „на црно“ се продава крвна плазма од оздравени пациенти од ковид-19. Цената на крвната плазма е над 2.500 евра. Новинарите на телевизијата Нова, претставувајќи се како заинтересирани купувачи, се сретнале со посредниците во кругот на една софиска болница. Посредниците тврделе дека крвната плазма е од човек што оздравел од ковид-19 пред два месеца и оти за тоа ќе достават и ПЦР-тест. („Опсервер“)


Бисер балкански

Повеќе на ТВ отколку дома!

– Ако ме прашате дали ме гледаат, не ме гледаат, почесто ќе ме видат на ТВ отколку дома. Ми недостигаат, знам дека нема никогаш да го вратам денот кога ги напишаа првите букви. Но моето семејство знае дека Србија е повредна од нас и сите пропуштени радости имаат смисла ако Србија е подобро место за живот. Со сопругата се шегувам дека моите синови ќе бидат одлични татковци, затоа што нема да ги гледаат моите мани – кажа Александар Вулин, министерот за внатрешни работи на Србија, во празнично интервју за „Курир“, во кое вели дека и овие божиќни празници ќе ги помине далеку од семејниот дом, но додава дека припадниците на министерството во кое работи се „негова фамилија“.