Лидерот на грчката крајно десничарска политичка партија, Златна Зора, Никос Михалолилакос, на денешното судење во Атина се изјасни за невин по обвинението, додавајќи дека е жртва на политичка завера.

Михалолилакос се најде пред суд поради убиство на музичарот Павлос Фисас, што го стори приврзаник на неговата партија.

Првиот човек на Златна Зора рече дека ова е првпат во историјата на грчката држава политички лидер да одговара за дело сторено од симпатизер на политичка партија.

Додека Михалолилакос влегувал во судницата, околу 70 негови следбеници застанаа на нозе оддавајќи му поддршка и почит. Истовремено, од страната каде што седеле роднините на убиениот, биле покажани ливчиња со бројот 6, преку кој се алудирало на годините поминати од денот на убиството.

Лидерот на Златна Зора, покрај другото, е обвинет и дека во суштина водел криминална организација, а не политичка партија. Апелацискиот суд треба да донесе историски значајна одлука дали Златна Зора е легитимна политичка партија или криминална група од нацистички тип која дејствува под маската на политичка партија.

Убиството на музичарот Фисас се случи во насилни судири на 18 септември 2013 година.