Новиот европски претставник за Западен Балкан и за дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак, важи за противник на идејата за размена на територии, што како опција се навестува од високите претставници на САД

Поранешниот словачки министер за надворешни работи Мирослав Лајчак ќе биде назначен за посебен претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград – Приштина, потврди еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за Радио Слободна Европа. Лајчак ќе биде задолжен да помага во односите помеѓу ЕУ и регионот и за рестартирање на дијалогот помеѓу Косово и Србија, кој е замрзнат година и половина поради косовските царини врз увозот на српски производи.
Веста за именувањето на Лајчак за европски претставник за Балканот е објавена во исто време кога косовскиот премиер Албин Курти објави дека делумно ќе бидат укинати царините до 15 март, на што особено инсистираше американската администрација. Но наедно од ЕУ очекуваат словачкиот дипломат да биде „противтежа“ на Метју Палмер, специјален претставник на САД за Балканот, и на специјалниот пратеник на американскиот претседател за преговорите меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, кои ја презедоа иницијативата во одмрзнувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина

Лајчак, како што објави „360 степени“, е поддржувач на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан и во повеќе наврати има изјавено дека ЕУ никогаш нема да биде комплетна целина без Западен Балкан како нејзин дел. Последен пат во Македонија тој беше како претседавач на ОБСЕ во јуни лани, кога изјави дека патот до ЕУ е долг, но дека земјава изминала значителна дистанца, при што даде поддршка и охрабрување за реформите. Во јануари годинава изјави дека следните месеци ќе бидат клучни за односите помеѓу Европска Унија и земјите од Западен Балкан и повика на наоѓање нов консензус за отворање на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, да се подобри политиката на проширување и да се подготви мајскиот самит на ЕУ и Западен Балкан.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, во изјава за Радио Слободна Европа, смета дека Лајчак е добар избор, со што ќе се постигне добар напредок во процесот што следува во наредниот период, а конкретно во проширувањето на Европската Унија кон регионот. Позитивната страна е што словачкиот дипломат својот нов мандат не сака да го фокусира само на олеснувањето на разговорите меѓу Косово и Србија, туку сака да има активна улога во целиот регион. Обемот за неговите надлежности на Балканот бил поставен и како тема во претходните договарања меѓу Лајчак и високиот претставник на ЕУ за надворешната политика Јосеп Борел.

Како што се посочува во анализата на „Јутарњи лист“, Лајчак и Борел (кој е од Шпанија), доаѓаат од држави што ја немаат признаено независноста на Косово. Од земјите во ЕУ, 22 го признале Косово, а пет држави се противат на тоа. Колку и да е клучно решението од српско-косовскиот дијалог, има влијание и на долгорочната стабилност за регионот. Не е тајна дека Белград и Република Српска посакуваат поделба на Косово и преку размена на територии, но тоа ќе се бара и за Босна и Херцеговина. Лајчак, особено се противи на ваквите идеи, но проблемот е во тоа што не постои единствен став во ЕУ. Голема штета беше направена со тоа што поранешната висока претставничка на ЕУ Федерика Могерини се согласи да расправа за идејата за промена на границите, а тоа е против триесетгодишната политика на Брисел. Доколку не беше мобилизацијата на Германија, Велика Британија и другите помали европски држави, идејата за поделба на територии најверојатно и формално ќе беше ставена на маса, со сите последици што произлегуваат од поставување нови граници на Балканот.

– Сето ова докажува дека ЕУ и натаму е збунета за прашањата што се однесуваат за регионот, а не е сигурна и дали ги сака државите од Балканот за полноправни членки, дали регионот заслужува да напредува или да биде нестабилно подрачје – се заклучува во коментарот на „Јутарњи лист“.

Косовскиот премиер Албин Курти прексиноќа објави дека неговата влада одлучи делумно да ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, за да се деблокира дијалогот со Белград. Тој како услов постави Србија да се откаже од лобирањето кај другите земји за повлекување на признавањето на Косово, како и укинување на вонцаринските тарифи за косовските производи. Специјалниот пратеник на американскиот претседател во преговорите меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел, изјави дека САД не поддржуваат делумно укинување на наметнатите такси кон Србија од страна на Косово. Европската Унија смета дека укинувањето на овие царини може да има позитивен ефект врз регионалната трговија и да доведе до рестартирање на дијалогот Белград – Приштина.