На православието му се заканува раскол, поголем од оној меѓу Истокот и Западот“, предупреди српскиот владика Иринеј Бачки по повод најавите на Вселенската патријаршија дека ќе и даде автокефалност на Укринската црква, што според него, може да се случи и во Македонија.

Тој за весникот „Политика“ коментирајќи ги предупредувањата од Руската православна црква (РПЦ) дека целиот православен свет е во опасност по одлуката на Цариградската патријашија да постави двајца „егзарси“ во Киев вели дека првпат во историјата на православната црква и се заканува вистинска опасност од нов голем раскол, овојпат не помеѓу христијанскиот Исток и Западот, туку во самиот Исток.

– Ако тоа се случи, а јас се надевам дека и покрај сè нема да случи, тоа ќе биде поголем и потежок раскол од сите претходни во историјата на црквата, квантитативно поголем и од расколот во 1054, со оглед на сегашниот број на православни цркви и нивната раширеност во светот – рече владиката Иринеј.

Според него, егзарсите во Киев не се поставени, туку пратени на определено време со конкретна мисија.

– Мисијата е за спроведување на планот за доделување автокефалност на украинските расколници од повеќе бои и видови, а против волјата на законската, канонска црква во Украина, призната од сите цркви, почнувајќи од Цариградската патријаршија – објасни Иринеј, истакнувајќи дека зборот „егзарх“ во овој случај значи само претставник или легат.

Тој истакнува дека СПЦ не го прифаќа постоењето на две различни православија, едното „фанариотско”, а другото „Московско”, туку дека верува во една, света, соборна и апостолска Христова црква.

– Накусо: ние не сме за Москва, туку за целосно почитување на вековниот канонски поредок и не сме ниту против Цариград, туку против каква било иницијатива која, дури и независно од добрите намери, сигурно дека ќе предизвика уште потешки потреси и поделби од оние кои веќе ги имаме – рече Иринеј.

Запрашан дали постои можност, ако црквата во Украина на овој начин добие автокефалност, сличното да се случи и во Македонија, епископот бачки предупреди дека ако нешто такво „помине во Украина, тоа ќе помине не само во Македонија, туку и во Црна Гора, Абхазија и каде и да посакаат нарачателите и извршителите, па можеби дури и во Грција”.

Во контекст на прашањето за автокефалност на Македонската православна црква, бачкиот владика Иринеј ја наведува „српската верзија“ на автокефалност на СПЦ од Охридската архиепископија.

– Големиот православен раскол најверојатно е спомнат од црковните великодостојници и во 1219 година, кога Св. Сава дипломатски ја „грабна“ идната српска црква од Охридската архиепископија. Таа година Св. Сава (Растко Немањиќ) е ракоположен за „архиепископ на српските и крајбрежните земји“ од страна на патријархот Манојло I Цариградски во Никеја” (со поддршка на византискиот цар Теодор, кој се бореше за доминација со Епир), а српската црква ја доби автокефалноста и достоинството на архиепископија. На основањето на таа Архиепископијата во Пеќ, како неканоска и незаконска, огорчено и се спротивстави Охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан под чија јурисдикција беа и Србите. Пред дипломатскиот удар на Свети Сава, на Охридската архиепископија не и помогна дури ни фактот што на денешната територија на Македонија христијанството е познато уште од времето на апостол Павле и што архиепископијата е автокефална уште од крајот на 9-от век – вели српскиот владика Иринеј Бачки.