Во соседните земји во изминатиот викенд е регистриран рекорден број на починати и нови заразени случаи со ковид-19. Во Бугарија над 7.500 лица се хоспитализирани во болници, а повеќе од 90 отсто се невакцинирани пациенти. На одделенијата за интензивна нега има повеќе од 600 пациенти што се целосно зависни од кислород. Бројот на новoзаразени во Србија од почетокот на септември постојано е над 5.000 на дневна основа, а најмногу заразени од почетокот на пандемијата се регистрирани на 28 септември – 8.467.
Во Сомбор, како последица на белодробна емболија, почина 13-годишно момче за кое беше потврдено дека има ковид-19. Српското министерство за здравство завчера објави 65 смртни случаи. Четири бебиња се на респиратори.
Грција за викендот забележа рекорден број новозаразени, односно 4.700, додека 38 пациенти починаа. На одделенијата за интензивна нега во грчките болници се лекуваат стотици пациенти што се целосно интубирани.
Кризниот штаб во Хрватска соопшти информација за 4.000 заразени деца, поради што матичните лекари добија нови упатства за организацијата и распоредот на работа за вакцинација на пациентите против коронавирусот.