Албанската опозиција со став дека единствено решение за спас на земјата е уривање на владата на премиерот Еди Рама.

Гостувајќи во тиранската телевизија Ора њуз, пратеникот на Демократската парија, поранешен шеф на дипломатијата и екс министер за правда, Алдо Бумчи, рече дека по падот на владата на Рама опозицијата ќе оди на избори, каде, според него и ќе извојува победа.

– Апсолутно, ДП ќе оди на избори и ќе победи, но тие избори мора да бидат ослободени од овој човек.Колку време ќе биде Еди Рама изборите нема да бидат слободни. Заминувањето на Еди Рама е единственото политичко решение, потоа одиме на избори. Ние, здружената опозиција, одиме на избори за да овозможиме земјата слободно да дише – изјави Бумчи.

Во врска со реконструкцијата на Владата,што Рама ја направи деновиве, Бумчи вели дека тоа е потврда дека Владата паднала и оти премиерот е во паника.

-Овие потези се плод на паниката на Еди Рама и акумулираниот неуспех што не може да го затскрие никаква пропаганда. По шест години е јасно дека станува збор за неуспех. Првото нешто е колапсот на економијата. Половина од населението е на работ на егзистенција. Ако го смените поголемиот дел од владата, тоа значи дека премиерот признал капитулација – смета Бумчи.