Убиството на Маринова се случува по убиството на Јан Куциак во Словачка во февруари годинава и на Дафне Каруана Галиција во Малта пред една година

Телевизиската новинарка Викторија Маринова е брутално убиена во градот Русе на северот на Бугарија. Регионалниот обвинител Георги Георгиев изјави дека телото на Маринова (30) е пронајдено завчера во еден парк. Според неговите зборови, смртта настапила поради удар во главата и задушување.

– Недостигаат нејзиниот мобилен телефон, клучевите од автомобилот, очилата и делови од облеката – прецизираше Георгиев. Бугарскиот министер за внатрешни работи, Младен Маринов, потврди дека жртвата, исто така, била силувана.
Маринова беше новинарка и уредничка на бугарската телевизија ТВН и известуваше за истрагата за наводната корупција поврзана со фондовите на Европската Унија.

Полицијата соопшти дека досега нема докази што упатуваат оти убиството е поврзано со нејзината работа, но дека истрагата разгледува како професионални така и приватни причини за убиството. Последната емитувана приказна на која работеше Маринова со група бугарски новинари беше за компаниите што се вмешани во инфраструктурни проекти, кои ги финансирала ЕУ, а со кои управувале локалните власти. Според оваа приказна, меѓу 30 и 40 отсто од вкупниот фонд што ги примиле групи од овие компании, се потрошени на корупција и поткуп.

Интернет-сајтот Политико.еу наведува оти на крајот на септември Маринова интервјуирала двајца новинари што работеле на оваа приказна, а кои биле приведени од бугарската полиција.

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, изрази надеж оти истрагата ќе биде успешна и дека, благодарејќи на големото количество ДНК-примероци, сторителот би требало брзо да биде пронајден.

Европската комисија соопшти дека со шок ја примила веста за убиството на бугарската новинарка Викторија Маринова (30), која работела на истражување на злоупотребата на ЕУ-фондовите во Бугарија и ја понуди својата помош за пронаоѓањето на убиецот, објави Мета.

– Повторно еден храбар новинар настрада во борбата за вистината и против корупцијата. Внимателно ќе ја следам истрагата и ја нудам помошта од агенциите на ЕУ – рече Франс Тимерманс, потпретседателот на Европската Комисија.

Убиството на Маринова се случува по убиството на Јан Куциак во Словачка во февруари годинава и на Дафне Каруана Галиција во Малта пред една година. И овие двајца новинари истражуваа корупција во владите и злоупотреби од различни компании и групи.