Американскиот претседател Џо Бајден попладнево одржа голем говор во полскиот главен град Варшава, по вчерашната посета на украинската престолнина Киев.

-Киев стои висок, горд и што е најважно, слободен – рече Бајден.

-Путин мислеше дека ќе се предадеме, погреши. Мислеше дека НАТО ќе се претвори во Финска, а наместо тоа се случи НАТОизацијата на Финска и Шведска – кажа тој, додавајќи дека НАТО е пообединет од кога било досега.

-Путин повеќе се сомнева во нашето единство, но се сомнева и во нашата истрајност. Но, нема сомнеж. Нашата поддршка за Украина нема да попушти и нема да се умориме. Љубовта на украинскиот народ ќе надвладее над желбата на Путин за моќ и земја. Станува збор за слободата – кажа Бајден, кој во неколку наврати ги споменува вредностите на демократијата.

„Автократите разбираат само еден збор – не, не, не“, кажа американскиот претседател и додаде дека „Украина никогаш нема да биде руска победа“.

-Пред една година руските тенкови влегоа во Украина, Украина е сè уште слободна – рече тој.

-Бомбардираат училишта, породилишта, железнички станици… – кажа Бајден за Русија.

-Им се обраќам на граѓаните на Русија. САД и НАТО не сакаат да ја уништат Русија, нема заговор против Русија, како што рече денеска Путин. Оваа војна не е неопходност туку трагедија. Путин може да ја заврши војната со една реченица. Победата на Русија би значела крај на Украина, затоа се грижиме дека Украина може да се брани – рече Бајден.

Тој спомна како Полска прифатила милиони бегалци од Украина.

-Ние стоиме со слободата. Тоа го прават Американците и тоа се Американците, рече тој.

-Путин се обиде да ја изгладне Европа, да ја спречи Украина да извезува храна, да предизвика глобална прехранбена криза. Ова особено ќе ги погоди африканските земји – рече тој.

-Украина е слободна, суверена и демократска- рече тој.

-Ги воведовме најсилните санкции што некогаш биле наметнати на една земја и ќе воведеме повеќе. Имаме со што да се гордееме во изминатата година. Но, сепак ќе има тешки денови. Ќе застанеме зад Украина додека таа се брани – изјави Бајден.

Членот пет од НАТО е цврст како камен, nападот врз еден е напад на сите, тоа е света заклетва, a света заклетва, рече Бајден, да се брани секој сантиметар од територијата на НАТО.

-Светот е на пресвртница, одлуките што ги носиме сега ќе ги одредат следните децении. Од едната страна е демократијата, а од другата е диктаторот кој сака да ја уништи – рече Бајден и додаде дека „нема посладок збор од слобода и нема повисока цел од слободата“