Фото: Принт-скрин

Автомобил денеска влета во толпа во Берлин при што усмрти едно лице, а најмалку 30 се повредени, јави „Ројтерс“ повикувајќи се на германски медиуми и портпаролот на противпожарната бригада. Според тековните информации, возачот на возилото е уапсен.

– Се верува дека приведениот влетал во група луѓе. Засега не се знае дали се работи за несреќен случај или дали осомничениот имал намера да го изврши ова дело – соопшти полицијата додавајќи дека осомничениот е приведен на местото на настанот.

Пет лица се во состојба опасна по живот, откако денеска во Берлин автомобил удри во група луѓе во центарот на градот, јави ДПА. Уште три лица се тешко повредени, а едно лице почина, изјави портпаролот на противпожарната бригада. Покрај тоа, има повеќе полесно повредени, но од противпожарната бригада не соопштуваат за колку лица се работи.

Специјалистите за несреќи при сообраќајната полиција како и одделението за криминалистичка истрага сега истражуваат дали се работи за несреќен случај или намерно дело, соопшти полицијата. Дополнително, мора да се разјасни идентитетот на возачот на автомобилот. Полицијата привремено го задржала мажот.

Според полицијата, автомобилот влетал во група луѓе близу главниот трговски центар во градот, а потоа запрел откако пробил излог на продавница, околу 200 метри понатаму.