Фото: tccb.gov.tr

Портпаролот на турското претседателство денеска потврди дека постои „голема веројатност“ првиот брод со украинско жито да го напушти украинското пристаниште Одеса утре наутро, според условите од договорот постигнат на 22 јули со Русија.

– Постои голема веројатност првиот брод да може да тргне утре изутрина доколку до вечерва се е регулирано – изјави Ибрахим Калин во интервју за приватната телевизија „Канал седум“.

Тој рече дека останува да се решат уште едно или две прашања во преговорите со Русите.

– Подготовките се дојдени до точка што би овозможила движење на бродовите од пристаништето Одеса. Бродовите се натоварени и подготвени за заминување, но потребна е добра логистичка координација – додаде тој.

Анкара денеска соопшти дека продолжувањето на извозот било тема на разговор и меѓу турскиот министер за одбрана и украинските министри за одбрана и инфраструктура.

– Се планира транспортот да започне што е можно поскоро – се вели во соопштението на турското министерство.

Заедничкиот координативен центар (ЦКК) задолжен за контрола на извозот на украинското жито во Црното Море беше официјално отворен во средата во Истанбул во согласност со договорите потпишани на 22 јули.

Договорот за укинување на блокадата, првиот голем договор меѓу украинската и руската страна од почетокот на офанзивата, има за цел да ја олесни глобалната прехранбена криза, која доведе до зголемени цени во некои од најсиромашните земји во светот.