Американското Министерство за правда започна истрага за серија сомнителни трансакции на пазарот на нафта, извршени непосредно пред важни изјави на американскиот претседател Доналд Трамп и високи ирански претставници поврзани со конфликтот во Иран.
Според американските медиуми, истрагата опфаќа најмалку четири случаи во кои трговци оствариле профит поголем од 2,6 милијарди долари преку облози на пад на цените на нафтата непосредно пред тие навистина да паднат.
Телевизиите „Еј-би-си Њуз“ и „Ен-би-би Њуз“, повикувајќи се на извори запознаени со случајот, објавија дека спорните трансакции биле реализирани непосредно пред јавни настапи или соопштенија од Трамп и ирански функционери.
Во истрагата е вклучена и американската Комисија за тргување со фјучерси на стоки (CFTC), која го надгледува тргувањето со суровини и финансиски деривати.
Според „Еј-би-си Њуз“, во март трговци инвестирале повеќе од 500 милиони долари во облози дека цената на нафтата ќе падне, непосредно пред Трамп да објави одложување на заканите за напад врз иранската електрична мрежа.
Во април следеле уште три слични трансакции. На 7 април биле вложени 960 милиони долари пред објавувањето на привремен прекин на огнот, додека на 17 април биле инвестирани 760 милиони долари само 20 минути пред иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи да соопшти дека Ормуската Теснина повторно се отвора.
Последниот случај се однесува на 21 април, кога инвеститори вложиле 430 милиони долари во очекување на пад на цените на нафтата само 15 минути пред Трамп да објави продолжување на прекинот на огнот.
Според „Ен-би-би Њуз“, истрагата сè уште е во почетна фаза и засега нема официјални докази за сторено кривично дело.






























