Вонредна состојба во САД
Информацијата за воведување вонредна состојба во Америка поради недостиг од струја беше примена со големо изненадување, поради убедувањето дека оваа земја поседува големи извори на енергија и во време кога Вашингтон се поставува како гарант за покривање на недостигот од енергија во другите делови на светот
Американскиот претседател Џо Бајден прогласи вонредна состојба во земјата поради опасност од недостиг од капацитети за производство на електрична енергија и го продолжи ослободувањето од давачки за увоз на соларни панели од Азија, соопшти минатата недела Белата куќа. Бајден предложи борбата против недостигот од електрична енергија да биде во надлежност на секретарката Џина Рејмонд, со одобрување на ослободувањето од царина за увоз на соларни ќелии и модули од Камбоџа, Малезија, Тајланд и од Виетнам.
Оваа мерка ќе трае две години или до укинувањето на вонредната состојба.
„Електричната енергија е основен дел од модерниот живот што ги снабдува домовите, компаниите и индустријата. Таа е од клучно значење за функционирањето на главните сектори на економијата, вклучувајќи ги болниците, училиштата, јавниот транспорт и одбраната. Дури и изолираните прекини на електрична енергија можат да имаат катастрофални здравствени и економски последици“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Информацијата за воведување вонредна состојба во Америка поради недостиг од струја беше примено со големо изненадување, поради убедувањето дека оваа земја поседува големи извори на енергија и во време кога Вашингтон се поставува како гарант за покривање на недостигот од енергија во другите делови на светот.
Вонредната состојба, како што гласеше образложението, е поради недоволната достапност на капацитетите за производство на електрична енергија, а ќе трае две години. Со ова се топи и оптимизмот што беше пласиран од Вашингтон за производство на нафта и гас од шкрилци. Во 2019 година, производството на нафта во САД достигна рекордни количества од 11,5 милиони барели дневно, главно од преработка на шкрилци. Но прескапиот транспорт со танкери од Тексас преку Атлантикот ја зголеми цената за третина, во споредба со цената на руската нафта. Полска изгради и терминал преку кој би се дистрибуирала нафтата од шкрилци од САД. Но пред војната во Украина, 80 отсто од нафтата беше руска. Експлоатацијата на нафтените шкрилци ја загадува животната средина, а тоа е најлош начин на експлоатација на нафта. Таа ја загадува водата за пиење.
Падот на цената на нафтата на светските берзи беше поттикнат од американските политики за да се ослаби руската економија. Но последните истражувања покажуваат дека со овие потези САД направиле голема штета и на своите компании, поради што нафтениот бум од шкрилци доживеа голем пад.
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) смета дека ниските цени на нафтата годинава ќе ги намалат инвестициите за производство на овој енергент од шкрилци во САД за десет отсто. Според податоците на оваа агенција, за 98 отсто од американските извори на нафта од шкрилци, границата на исплатливост за производство за еден барел е од 80 долари, а пониската цена од наведената има негативни последици за инвестициите од преработка на шкрилци. Се очекува американското производство на нафта од шкрилци годинава да забележи најмала стапка на раст во последните четири години.