Фото: Принт-скрин

Британскиот премиер Борис Џонсон се соочува со уште една политичка криза, додека неговата влада се справува и со предизвиците од омикрон. Неговото лидерство е доведено во прашање во деликатен момент, кога му е потребна поддршка од партијата и од јавноста за да ги воведе новите прописи и рестрикции за сузбивање на коронавирусот, пренесуваат светските медиуми.

Џонсон во поголемиот дел од политичката кариера е познат како „изборен маѓепсник“, со талент да ги придобие луѓето кои вообичаено не би гласале за него. Но неговата поддршка опаѓа. Последните анкети покажуваат оти тој заостанува 13 процентни поени зад Кеир Стармер, лидерот на опозициската Лабуристичка партија.

Наспроти мнозинството во парламентот, на Џонсон неделава можеби ќе му бидат потребни гласовите на лабуристите за да ја усвои новата легислатива за воведување на карантин. Причините за падот на популарноста на британските премиер се должат на низа неизнудени грешки со кои излегоа на виделина очигледните слабости во неговиот мандат.

– Многумина во Конзервативната партија се жалат дека Борис ја губи неговата магија – вели помошник од кабинетот на британскиот премиер во анонимна изјава за „Форин полиси“, додавајќи дека Џонсон треба да работи за повторно придобивање на партијата на негова страна, додека веќе се зборува и за негов наследник.

Можеби и најголемиот удар врз репутацијата на Џонсон зададе протечената видеоснимка од декември минатата година, на која соработници од неговиот кабинет се шегуваат за прекршување на ковид-прописите на божиќна забава. Британската јавност ваквиот скандал го нарече „Партигејт“. Британија во тоа време беше во строг карантин со забрана за божиќни собирања. Пред објавувањето на снимката, Џонсон здушно негираше дека има какво било кршење на прописите во текот на Божиќ.

Сега британскиот премиер мора да се справи со последиците од скандалот кои влијаеја врз неговата поддршка и положбата во партијата, со што познавачите на состојбите во Британија сметаат дека „Партигејт“ можеби е преголем удар за Џонсон.